theme_flight_baggage_attendant_gettyimages-1053526912_universal_within-usage-period_90693-e1725311263278-780x439-1

26.06.2025 Скопје

Пратениците во Комитетот за транспорт на Европскиот парламент во вторникот поддржаа амандман со кој ќе им се гарантира на патниците во воздушниот сообраќај правото да носат еден рачен багаж до седум килограми бесплатно – без дополнителни трошоци.

Доколку правилото добие зелено светло во претстојните преговори со владите на земјите-членки, на патниците ќе им биде дозволено да носат еден мал личен предмет што се вклопува под седиштето, покрај торба со тежина до седум килограми – исто така без дополнителни трошоци.

Иако мерката е поздравена од патниците, таа наиде на жестоко противење од лобињата на авиокомпаниите. Тие тврдат дека барањето за бесплатно носење рачен багаж може да доведе до повисоки цени, дури и за оние кои патуваат без голем багаж.

Конечниот текст на законот сè уште треба да помине низ преговори со Советот на Европската Унија, а досега само Шпанија отворено изрази поддршка за предлогот.

Според европратениците, основата за новата регулатива се наоѓа во пресудата на Судот на правдата на ЕУ од 2014 година, која го дефинираше рачниот багаж како „суштински елемент на воздушниот транспорт“, под услов да ги исполнува „разумните барања“ во однос на тежината и димензиите.

По години несогласување меѓу авиокомпаниите за тоа што се смета за „разумно“, Европскиот парламент одлучи јасно да ги утврди стандардите: покрај ограничувањето на тежината од седум килограми, новите правила предвидуваат и максимални вкупни димензии од 100 сантиметри (збир од должина, ширина и висина).

Новото правило би ги погодило најмногу нискобуџетните авиокомпании, кои ги базираат своите деловни модели на дополнително наплаќање за поголеми торби – дури и за оние што се погодни да се ставта над седиштата.

Дека ова е значаен извор на приходи покажува и најновиот финансиски извештај на „Рајанер“, според кој приходите од дополнителни услуги – вклучувајќи ги надоместоците за рачен багаж, изборот на седиште и приоритетното качување – изнесуваа дури 4,7 милијарди евра, што сочинува голем дел од вкупните 13,95 милијарди евра годишни приходи.

Подготвено од М.Д.

About Author