
10.06.2025 Скопје
Норвешкиот суверен фонд кој располага со богатство од 1,7 трилиони долари упати јасен повик до Европската комисија да спроведе длабоки реформи на пазарот на капитал, предупредувајќи дека Европа заостанува уште повеќе зад своите конкуренти во САД и Азија.
Во писмо што ќе биде испратено оваа недела како дел од консултациите за интеграција на пазарот на капитал, Фондот повикува на хармонизација на даночните и надзорните правила и прописи во несолвентноста меѓу членките на Европската унија со цел да се отстранат бариерите што го попречуваат развојот на пазарот.
„Европските пазари постепено заостануваат во однос на деловната динамика и понудата на инвестициски можности за институционалните инвеститори“, се наведува во писмото.
Фондот проценува дека клучните пречки се различните национални закони за хартии од вредност, компании и банкрот.
Во последните 10 години, норвешкиот фонд значително го намали уделот на европските акции во своето портфолио, од 26 проценти на само 15 проценти.
Во истиот период, уделот на американските акции се зголеми од 21 процент на дури 40 проценти, додека бројот на европски компании во кои инвестира фондот се намали за 25 проценти на вкупно 1.546.
„Европските акции станаа помалку конкурентни во споредба со американските и азиските“, објаснува извештајот.
Директорката за пазарни стратегии на Фондот, Малин Норберг, изјави дека „чувството за итност кај европските донесувачи на одлуки навистина постои“, но нагласи дека решенијата лежат во конкуренцијата и иновациите, а не во новите регулативи.
Нафтено богатство сè уште сочинува 24 проценти од БДП на Норвешка, но Фондот сè повеќе се позиционира како глобален инвеститор кој инсистира на конкурентни пазари и ефикасни политики.
Подготвено од М.Д.