26.06.2025 Скопје
Шефот на бугарската држава, Румен Радев испрати остро предупредување до европските институции и државите-членки на ЕУ поради одлуката за признавање на македонскиот јазик и идентитет, тврдејќи дека тоа е „морална и научна“ тема надвор од правните овластувања на парламентот.
Радев наведува дека бугарската страна не прифаќа никакви промени на досегашниот европски компромис и ги осудува „етноцентричните националистички наративи“ од Скопје. Тој предупредува дека властите во Република Северна Македонија немаат намера да ги спроведуваат договорените европски обврски и бара силна поддршка од ЕУ за заштита на правата на Бугарите во РС Македонија.
„Причината за моето обраќање до вас е развојот на случајот со извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија во процесот на преговори за членство во ЕУ. Планираното гласање за нацрт-извештајот во Комитетот за надворешни работи на ЕП на 4 јуни годинава беше одложено и се одржа денес. За време на гласањеto беше даден устен предлог да се додаде појаснувањето „модерен“ /во смисла на современ/ пред македонскиот идентитет и јазик, за кое за жал не беше дозволено да се гласа по внимателно подготвени процедурални потези. Од самиот почеток, случајот со овој извештај предизвика бран на негодување и критики во Бугарија против постапките и пристапите во неговата подготовка. Фактот дека почитувана институција како што е Европскиот парламент се изјаснува за категории од морална природа или специфично научен фокус како што се „идентитет“ и „јазик“ е загрижувачки, во отсуство на законска основа и релевантни надлежности. Ваквите упатувања на „јазик и идентитет“ без конкретна дефиниција ризикуваат слободни толкувања што нашите југозападни соседи веќе ги прават со своите претензии за „вековниот македонски идентитет“, вели Радев.
Додава дека Бугарија останува посветена на сите елементи од европскиот консензус од 2022 година, чија имплементација е единствената можност за европска интеграција на РС Македонија.
Подготвено од М.Д.