
03.06.2025 Скопје
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува РС Македонија да биде меѓу првите држави кои со САД ќе добијат Договор за слободна трговија. Запрашан за ефектите од посетата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на САД и неговата средба со Државниот секретар Марко Рубио, Мицкоски рече дека впечатоците од таа средба се исклучително високи.
„Тимчо Муцунски е помеѓу првите седум министри за надворешни работи од Европа кој што на билатерално ниво беа примени од страна на Државниот секретар Марко Рубио во Стејт департментот во САД. Средбата траела околу 45 минути, на која што уште еднаш е истакната стратешката соработка и значењето на стратешката соработка помеѓу двете земји, досегашната исклучително искрена соработка со админитрацијата на претседателот Трамп и очекувањата за во иднина “, рече Мицкоски пред почетокот на свечената академија по повод јубилејот 80 години на Дрѓавниот завод за статистика.
Тој додаде дека околу тие очекувања сега не би сакал многу да зборува, како и дека сака да се случат, а дури потоа да коментира.
„Но, какви се моите очекувања? Моите очекувања се позитивни и како резултат на средбата со господинот Грир (Џејмисон Грир, специјален претставник на претседалот Трамп за трговија, заб.), но и моите телефонски разговори кои што ги имав со државниот секретар за трговија, Хауард Лутник, така што очекувам да бидеме исто така меѓу првите земји во светот кои што ќе добијат таков тип на договор со САД“, рече Мицкоски.
Подготвено од М.Д.