
12.06.2025 Скопје
За речиси 138 милиони деца ширум светот, детскиот труд останува мрачно секојдневие, што сериозно влијае на нивното образование и понатамошен развој, се вели во извештајот објавен во средата од Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) и Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Според податоците објавени по повод Светскиот ден против детскиот труд, на 12 јуни, од почетокот на векот, бројот на деца принудени на работа е намален за речиси половина, но тоа е далеку од целта за искоренување на оваа практика до 2025 година. Искоренувањето на детскиот труд беше една од развојните цели на ОН (SDGs).
Од 2020 година, бројот на деца кои работат е намален за повеќе од 20 милиони, со што е запрен алармантниот пораст забележан во анкетите помеѓу 2016 и 2020 година.
Извештајот „Детски труд: Глобални проценки за 2024 година, трендови на патот кон иднината“ ја покажува горчливата реалност дека и покрај напредокот, на милиони деца во светот сè уште им е ускратено правото да учат, да играат и едноставно да бидат деца.
Новите податоци покажуваат дека земјоделството со 61 процент и натаму е сектор во кој најмногу се користи детскиот труд. Следат услужните дејности со 27 отсто, како што се домашните работи или продавањето стоки на пазари, а потоа следува индустријата со 13 отсто, која вклучува детски труд во рударството и производството.
Момчињата се почесто жртви на детски труд отколку девојчињата на која било возраст, но доколку се вклучи и неплатената работа во домаќинството од 21 или повеќе часа неделно, сликата би била спротивна.
Најголемо намалување на детскиот труд е постигнато од 2020 година во регионот на Азија и Пацификот, каде учеството на децата во вкупниот труд падна од 6 отсто на 3 отсто (од 49 милиони на 28 милиони деца).
Во Јужна Америка и во земјите од Карибите, детскиот труд сè уште останува честа појава, но во изминатите четири години, бројот на деца принудени на тоа поради демографските промени се намали од осум на седум милиони.
Суб-сахарска Африка останува најголемиот предизвик, со 87 милиони малолетници кои се ангажирани во детски труд, или речиси две третини од сите деца во светот кои мораат да работат.
И иако во Африка уделот падна од 24 отсто на 22 отсто, апсолутната бројка стагнира поради демографскиот раст на континентот, старите и новите вооружени конфликти, екстремната сиромаштија и преоптоварените системи за социјална заштита.
Од 2000 година, бројот на деца принудени на работа е речиси преполовен, од 246 милиони на 138 милиони, но напредокот е толку бавен што за да се искорени детскиот труд во следните пет години, би било неопходно да биде 11 пати побрзо.
Со цел да се забрза напредокот, УНИЦЕФ и МОТ препорачуваат да се инвестира во социјалната заштита на ранливите домаќинства, да се инвестира во систем за заштита на децата кој навреме ќе го препознае и спречи детскиот труд и ќе обезбеди поддршка за ранливите деца и ќе овозможи универзален пристап до квалитетно образование, особено во руралните области, за секое дете да има можност да учи.
Меѓу препораките е и обезбедување квалитетни работни места за возрасните и младите, вклучително и правата на работниците да се организираат и да ги заштитат нивните интереси, и на крајот примена на законот и повикување на одговорност на претприемачите со цел да се стави крај на експлоатацијата на децата и да се обезбеди нивна заштита долж синџирите на снабдување.
Подготвено од М.Д.