gordana-dimitreiska-kocoska-696x509-1

03.06.2025 Скопје

Владата на последната седница го усвои Предлог-законот за измени на Законот за Царинска тарифа, со кој се намалуваат царинските стапки за 67 суровини и репроматеријали што ги користи домашната индустрија. Целта е овие мерки да започнат да важат од 1 јули годинава, информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.

„Се работи за материјали кои се неопходни во производниот процес на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетскиот сектор. Со ова очекуваме директно да ја зголемиме извозната конкурентност на македонската индустрија“, изјави таа.

Царинските стапки ќе се намалат за 50% од разликата меѓу македонските и стапките што важат во ЕУ. На пример, ако царината за одредена стока е 20% кај нас, а 10% во ЕУ, од јули ќе се намали на 15%.

Министерката посочи дека се прави и целосно усогласување со ЕУ за увоз на литиум-јонски батерии, кои ќе се царинат по стапка од 2,7% наместо досегашните 15%.

„Овие батерии стануваат клучен дел од енергетската транзиција. Со нивното поевтинување директно ја поддржуваме стабилноста на системот и економската оправданост на обновливите енергетски проекти“, нагласи таа.

Димитриеска – Кочоска најави и целосна либерализација на увозот од САД – укинување на царините за американски производи. Тоа, според неа, ќе ја зголеми конкуренцијата на домашниот пазар и ќе испрати порака за продлабочување на економското партнерство со САД.

„Оваа мерка ќе донесе пониски трошоци за компаниите, повеќе инвестиции, нови работни места и повисок економски раст. Тоа е нашата насока – стабилно и предвидливо бизнис окружување за сите компании“, заклучи министерката.

Подготвено од М.Д.

About Author