
09.06.2025 Скопје
Кога лидерите на Србија, Албанија и РС Македонија ја започнаа иницијативата „Отворен Балкан“, тие ветија нова ера на регионална соработка. Најавен како „Мини Шенген“, проектот имаше за цел да создаде единствен пазар на трудот и да го олесни движењето на луѓе, стоки, услуги и капитал меѓу земјите од Западен Балкан.
Во таа еуфорија, тие се обидоа да ја вклучат Црна Гора, како и БиХ, но без успех. Главни промотори на „Отворен Балкан“ во Црна Гора беа тогашниот премиер Дритан Абазовиќ и сегашниот претседател на Парламентот Андрија Мандиќ. Денес, само неколку години подоцна, речиси никој не зборува за „Отворен Балкан“. Проектот де факто заврши – без резултати, без ефекти и без политичка волја да се одржи во живот.
На хартија, Отворениот Балкан требаше да им понуди на граѓаните на три земји – Србија, Република Северна Македонија и Албанија – можност да работат и живеат без административни бариери. Минатата година, на 1 март, официјално беше отворен заедничкиот пазар на трудот. Сепак, податоците го велат спротивното – од тогаш до крајот на ноември, во Србија беа одобрени само 285 барања за слободен пристап до пазарот на трудот, од кои 282 беа од РС Македонија, а само три од Албанија.
За споредба, во истиот период, Националната служба за вработување на Србија издаде повеќе од 5.000 работни дозволи – претежно на работници од Шри Ланка, Непал и Пакистан. Идејата за единствен пазар на трудот едноставно не се прошири.
Како што ентузијазмот за проширување на Европската Унија повторно се буди, политичката поддршка за Отворениот Балкан брзо бледнее.
Приказната се враќа на Заедничкиот регионален пазар и планот за развој на ЕУ. Јасно е дека регионалната соработка сега се гледа како дел од интеграцијата, а не како нејзина замена, рече Драгана Ѓурица од Европското движење во Србија.
Ова го потврдува стравот што ја придружуваше оваа иницијатива од самиот почеток- дека таа ќе биде замена за вистинскиот европски пат. Тој страв очигледно повеќе не е неоснован.
За разлика од Отворениот Балкан, договорот ЦЕФТА, иако често е во сенка на политичките иницијативи носи конкретни резултати. Трговијата меѓу земјите од регионот е повеќе од двојно зголемена од 2007 година. Трошоците за роаминг беа укинати, а неодамна и таканаречениот „банкарски роаминг“ благодарение на пристапот до системот за плаќање СЕПА.
Сепак, ЦЕФТА се соочува и со проблеми. Не постојат механизми за спроведување за почитување на потпишаните договори, што отвора простор за нецарински бариери и политичко блокирање.
Отворениот Балкан беше маркетиншки привлечна, но лошо замислена иницијатива. Без правна сила, без јасна институционална рамка и без сериозна политичка волја – тој се урна под тежината на сопствените ветувања.
Сега, кога геополитичкото внимание се враќа кон интеграцијата во ЕУ и конкретните економски процеси како што се ЦЕФТА и Заедничкиот регионален пазар, Отворениот Балкан останува пример за тоа како регионалните иницијативи не можат да преживеат без длабока, сеопфатна и искрена соработка.
За Црна Гора, која отсекогаш држела дистанца, оваа епизода е дополнителен потсетник дека единствената сериозна платформа за интеграција е европската.
Подготвено од М.Д.