notari

20.06.2025 Скопје

Нотарската професија, како и секоја друга, се соочува со големи предизвици за што се потребни реформи и соодветно вреднување на трудот на нотарите, а пред сѐ зголемување на дел од тарифите.

Ова беше соопштено на средба со новинарите, каде што претседателот на Нотарската комора на РСМ (НКРСМ), Методија Ристоски ја образложи фактичката состојба во нотарската професија.

Тој рече дека во изминатите 27 години наградите за нотарски услуги останале непроменети или намалени, и покрај растот на животните трошоци. Па така, наградата за заверка на потпис, извод, превод или препис повеќе од две децении се наплатува 100 денари – сума што не ја одразува реалната цена на трудот и услугата.

„Ние како нотари сме во служба на повеќе државни институции и постапуваме во име на граѓаните без да имаме право ниту на соодветен надомест, ниту на покривање на реалните материјални трошоци. Неминовно е да има измени во дел од тарифата, не на целата, од причина што во континуитет растат сите трошоци за живот, расте инфлацијата, платите на
вработените, режиските трошоци“, изјави Методија Ристоски, претседател на НКРСМ.

Нотарите образложија дека во јавноста се создава погрешна слика за нивните приходи, бидејќи преку нивните сметки се слеваат средства за други институции.

Тие износи не се личен приход на нотарите, но во завршните сметки се прикажуваат како бруто приход, што дополнително ја искривува вистинската слика.

„Во континуитет, години наназад, на сите институции кои се движат паралелно со нотаријатот, па и на сите други професии, тарифниците се зголемуваат, а единствено нотарската тарифа се намалува“, изјави Ристоски.

Дополнително, проблем претставува и сѐ поголемиот број на нотари.  Во 2000 година во РС Македонија имало 100 нотари, во 2010 година 140 нотари, а во 2024 – 220 нотари. Иако е предвиден најмалку еден нотар на 20.000 жители, како што беше соопштено на средбата, во Куманово, на пример, наместо четворица, има 14 нотари, а во Скопје бројот на нотари е двојно повисок од предвиденото. Ристоски презентираше и споредбени примери со регионот кои говорат дека РС Македонија има најниски нотарски награди – заверката на потпис во земјава е 1,63 евра, во Албанија 18,8 евра, во Хрватска 7 евра, во Србија 2,56 евра, а во Бугарија
5,12 евра.

Нотарската комора апелираше до надлежните институции да се пристапи кон ревизија на нотарската тарифа и да се овозможи фер третман на нотарите, во согласност со економската реалност и со општествената улога што ја имаат во правниот систем. Претседателот на НКРСМ рече дека комората е во корелација со Министерството за правда и со Владата и дека се трудат да најдат решение со кое нема да се оптерети буџетот на граѓаните, а ќе се сочува достоинството и одржливоста на нотарската професија.

Подготвено од М.Д.

About Author