
12.06.2025 Скопје
Милиони луѓе не можат да имаат онолку деца колку што би сакале поради комбинација на економски бариери и сексизам. Фактори како што се високата цена на родителството, несигурностa на работата, скапите станови, загриженоста за состојбата во светот и недостатокот на соодветни партнери ги спречуваат луѓето да основаат поголеми семејства, а не желбата да немаат деца, наведе Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Додека десничарските влади, како оние во САД и Унгарија, сè повеќе за падот на наталитетот го обвинуваат одбивањето на родителството, извештајот на УНФПА за состојбата со светската популација до 2025 година открива дека повеќето луѓе всушност сакаат деца.
„Проблемот не е недостатокот на желба, тоа е недостатокот на избор. Ова е вистинска криза на плодноста, а одговорот лежи во обезбедувањето на она што луѓето велат дека им треба: платено семејно отсуство, пристапна нега за плодност и партнери за поддршка“, изјави д-р Наталија Канем, извршен директор на УНФПА.
Истражувањето на YouGov во 14 земји покажа дека речиси една петтина од луѓето имаат помалку деца отколку што би сакале. Главната пречка за раѓање деца се парите – 39% од луѓето рекоа дека финансиските ограничувања веќе доведоа до тоа да имаат помалку деца или дека може да доведат до тоа.
Земјите опфатени во истражувањето – Јужна Кореја, Тајланд, Италија, Унгарија, Германија, Шведска, Бразил, Мексико, САД, Индија, Индонезија, Мароко, Јужна Африка и Нигерија – претставуваат една третина од светската популација. Тие се мешавина од земји со различен животен стандард и земји со ниски и високи стапки на фертилитет. УНФПА анкетираше млади возрасни и оние надвор од репродуктивните години.
„Да се сфати дека ова е криза и дека таа навистина постои. Тоа е веќе извесна реакција и промена“, вели демографката Ана Роткирх, која ја проучува плодноста во Европа и ја советува финската влада за политиката на населението.
„Општо земено, почесто е луѓето да имаат помалку деца отколку што планирале, наместо повеќе“, вели Роткирх. Тоа детално го проучила во европскиот пример и ја интересира како тоа се одразува на глобално ниво.
Таа, исто така, беше изненадена од тоа колку испитаници над 50 години (31%) изјавиле дека имаат помалку деца отколку што сакаат.
Но, некои наоди се јасни. Во сите земји, финансиските ограничувања се главната бариера за раѓање деца. Најголем процент од испитаниците го кажале тоа во Јужна Кореја (58%), а најмал во Шведска (19%).
Севкупно, само 12% од луѓето ја навеле неплодноста или тешкотиите со зачнувањето како причина да немаат деца колку што сакале. Но, оваа бројка е поголема во земји како Тајланд (19%), САД (16%), Јужна Африка (15%), Нигерија (14%) и Индија (13%).
„Ова е првпат ОН навистина да се посветат на прашањето за ниската плодност“, вели проф. Стјуарт Гител-Бастен, демограф на Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг. До неодамна, агенцијата многу се фокусираше на жените кои имаат повеќе деца отколку што сакаат и на „неисполнетите потреби“ за контрацепција.
Сепак, ниту присилните политики насочени кон зголемување на бројот на раѓања (како што се ограничувањата на абортусот и контрацепцијата), ниту финансиските стимулации како што е предлогот на САД за „бебешки бонус“ од 5.000 долари за мајките, ниту напорите за справување со падот на наталитетот не функционираат на долг рок и би можеле да имаат спротивен ефект, предупредува извештајот.
Недостатокот на пристап до безбедни абортуси доведе до небезбедни абортуси, кои се водечка причина за смрт на мајката и инфекции кои предизвикуваат неплодност, истакнува Канем.
„Кога луѓето чувствуваат дека за нивниот репродуктивен избор одлучуваат други или кога политиките се сфатени како премногу принудни, луѓето реагираат, и се помалку склони да имаат деца“, вели извршната директорка на УНФПА.
Подготвено од М.Д.