
03.06.2025 Скопје
Во РС Македонија секоја година умираат повеќе од 4.000 луѓе поради консумирање на тутун, предупреди претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), Аким Али, на одбележувањето на Светскиот ден без тутун. Според најновите податоци, земјата е меѓу водечките по стапка на пушење во Европа – над 46 отсто од возрасните мажи и 27 отсто од жените користат тутунски производи или никотин.
„Ова не е неизбежно – може да се спречи. Ако не преземеме ништо, последиците ќе бидат уште посериозни, вклучително и пад на населението и забавен економски раст“, изјави Али.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, призна дека контролата врз спроведувањето на Законот за пушење е недоволна и најави заострување на регулативите, како и зголемување на царинските давачки за тутунските производи. „Работиме на измени на законот, но и на ефикасна имплементација“, рече Андовски.
Кампањите за електронски цигари на социјалните мрежи, особено кај младите, ќе бидат дополнително регулирани, информираше директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска. „Не смее да се дозволи промоција на нови форми на зависност“, рече таа.
Аким Али истакна дека глобално над седум милиони деца се активни пушачи, а во РС Македонија дури седум од десет пушачи ја почнуваат навиката уште во адолесценцијата. СЗО апелира на итна акција – од поостри закони до засилени едукативни кампањи – за да се спаси иднината на младите и здравјето на нацијата.
Подготвено од М.Д.