
05.06.2025 Скопје
Посветеноста на НАТО кон неповратниот пат на Украина кон членство останува, но земјата никогаш не добила формално ветување за влез во Алијансата, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Брисел.
„Украина е поканета на Самитот на Алијансата што ќе се одржи во Хаг за неколку недели“, изјави Руте пред состанокот на министрите за одбрана во Брисел. Тој додаде дека деталната програма наскоро ќе биде објавена.
На новинарско прашање дали претседателот Володимир Зеленски лично е поканет, Руте одговори дека тоа ќе се знае со објавата на официјалната програма.
Зеленски пред два дена изјави дека е важно на јунскиот самит на НАТО да се потврди решеноста на Алијансата да остане силна, и дека Европа нема да се откаже од својата безбедност.
„Им се заблагодарувам на сите кои вложуваат напори да се одржат силните врски меѓу Европа и Америка. Потребна ни е поддршка за претседателот Доналд Трамп, американскиот Конгрес и народот на САД“, порача Зеленски.
Тој додаде дека, без оглед на глобалната конкуренција, должноста на Европа, Америка и сите што ја ценат слободата, е заеднички да ја бранат.
Подготвено од М.Д.