dal-centro-galassia-avvistati-numerosi-segnali-radio-v3-539661

03.06.2025 Скопје

Научната заедница е во шок поради откритието на необичен вселенски објект што испраќа моќни радио и рендгенски сигнали во точен временски интервал – две минути активност, па 42 минути молк. Објектот, наречен ASKAP J1832−0911, е откриен на околу 15.000 светлосни години од Земјата, во нашата галаксија Млечен Пат.

Ова „вселенско чудо“ беше забележано од австралискиот радиотелескоп ASKAP и од рендгенската опсерваторија Чандра на НАСА. Она што ги збунува научниците е фактот дека овој објект не се вклопува во ниеден досега познат модел на вселенски тела како пулсари, магнетари или неутронски ѕвезди.

„Тоа што го гледаме не се совпаѓа со ништо познато досега. Ова можеби е нов тип на космички објект“, вели водечкиот автор на студијата, Зитенг Енди Ванг од Универзитетот Куртин.

ASKAP J1832−0911 припаѓа на редок клас на долги периодични транзиенти, но со една огромна разлика – тој испушта и Х-зраци, што досега не е забележано кај други такви објекти. Станува збор за феномен кој би можел да отвори целосно нова категорија во астрофизиката.

Научниците не исклучуваат можност објектот да биде мртва ѕвезда како магнетар или бело џуџе, но и самите признаваат дека се работи за нешто што досега не било документирано во ваква форма.

„Или гледаме сосема нова класа на објекти, или пак сведочиме на однесување на познати тела на начин што никогаш досега не сме го виделе. Во двата случаи – ова е почеток на нешто големо“, заклучува Ванг.

Истражувањата продолжуваат, а светот со нетрпение чека да открие дали ова е само уште едно мистериозно небесно тело – или прв сигнал од непознат вид.

Подготвено од М.Д.

About Author