
04.06.2025 Скопје
Иако со децении претставуваше една од најблиските и најповолни дестинации за летување, последните години интересот опаѓа. Причините не се поврзани со плажите, цените или услугата – туку со политиката.
Пораките од двете страни на границата, исполнети со обвинувања, условувања и историски спорења, ја еродираа туристичката размена.
Сè повеќе македонски граѓани го чувствуваат односот на Софија кон Скопје како омаловажувачки и го пренесуваат тоа на личните избори.
„Не сум човек што меша политика со секојдневието, но едноставно не ми оди срцето да ги оставам парите во земја што ја блокира РС Македонија на европскиот пат“, вели граѓанин од Велес, кој летово ќе оди во Црна Гора. „Таму барем не ми бараат да се откажам од идентитетот за да нарачам кафе“.
Туристичките агенции веќе ја почувствуваа промената. Иако пред пандемијата организираа десетици аранжмани за Несебар, Бургас, Сончев Брег и Златни Песоци, сега тие понуди се практично непостоечки.
„Имавме две групи за Варна во 2019. Лани ниту една. Оваа година никој ниту не праша“, објаснува работничка од туристичка агенција во Скопје. „Македонците имаат алтернатива – Грција е блиску, Црна Гора е популарна, а сè повеќе луѓе одат и во Албанија. Не им треба Бугарија“.
Парадоксално, бугарски туристи сè уште доаѓаат во РС Македонија – главно поради ниските цени и фестивалите. Но, протокот е еднонасочен. Од македонска страна – замрзнат.
Долгогодишен туристички работник од Бугарија смета дека ова е класичен пример како геополитиката влијае на секојдневните избори на обичните граѓани.
„Кога политичарите градат ѕидови, тие не ги рушат туристичките огради. Напротив, ги претвораат во непремостливи бариери“.
И додека бугарските туристички капацитети со носталгија се сеќаваат на времето кога автобуси полни со Македонци пристигнуваа секој викенд, реалноста е поинаква.
Македонците избираат море без политика. А Бугарија – останува во минатото.
Подготвено од М.Д.