
12.06.2025 Скопје
Привремената влада на Косово, предводена од Албин Курти, се согласи да прифати до 50 државјани од трети земји, во рамки на соработката со Соединетите Американски Држави. Одлуката беше донесена на електронска седница одржана на 11 јуни, а како што информираат, станува збор за лица кои ќе бидат депортирани од САД.
„Во текот на нивниот престој во Република Косово, овие лица ќе ги почитуваат важечките закони и ќе уживаат права согласно косовското законодавство“, се наведува во соопштението на привремената влада.
Премиерот Курти на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) објави дека по донесувањето на оваа одлука, институциите на Косово ќе соработуваат тесно со надлежните американски власти во целокупниот процес.
Од Стејт департментот изјавија дека се „благодарни на Косово за партнерството и за прифаќањето на лица од трети земји“, оценувајќи ја оваа соработка како дел од „клучен приоритет на администрацијата на претседателот Трамп“.
Според портпаролот на привремената косовска влада, Перпарим Криезиу, мерката предвидува привремено сместување на до 50 лица во период од една година, со цел безбедна подготовка за нивно враќање во матичните земји. Владата задржува право да избере кои лица ќе бидат примени, врз основа на критериуми поврзани со владеењето на правото и јавниот ред.
Стејт департментот на 6 јуни потврди дека САД се во контакт со неколку земји од Балканот како дел од поширока стратегија за депортација на странски државјани со нерегулиран престој. Одговор не беше даден на прашањата зошто токму Косово е избрано, кои се критериумите за избор на мигрантите и дали Косово ќе добие поддршка за своето учество во програмата.
Подготвено од М.Д.