
18.06.2025 Скопје
Данската престолнина Копенхаген го презеде водството на листата на светски градови со најдобри услови за живот, на која Виена беше прва три години по ред.
Промената на врвот на оваа листа во британскиот Економист дојде по неколку години, а сега Копенхаген ги доби максималните 100 поени кога станува збор за стабилност, образование и инфраструктура. Данската престолнина беше втора на листата минатата година, а сега Виена ја зазеде таа позиција.
Главниот град на Австрија го дели второто место со швајцарскиот град Цирих. По нив следуваат Мелбурн во Австралија и уште еден швајцарски град, Женева.
Глобалниот индекс на условите за живот во градовите за 2025 година, кој го состави истражувачкиот и аналитички центар на групата Економист, оценува 173 градови низ целиот свет, земајќи ги предвид 30 индикатори во различни категории, вклучувајќи ја здравствената заштита, културата и животната средина.
Меѓу десетте најдобри градови на листата се најдоа Сиднеј во Австралија, кој ја зазеде шестата позиција, потоа Осака во Јапонија, Окленд во Нов Зеланд, а тука е и уште еден австралиски град, Аделаида, како и Ванкувер во Канада.
Оваа година, ниту еден германски град не е меѓу десетте градови со најдобри услови за живот.
Подготвено од М.Д.