20.06.2025 Скопје
Најави за штрајк на контролорите на летање, но и категоричен одговор на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, дека „не се плаши од закани“ ги следат проблемите што се појавуваат повторно во државната компанија М-НАВ. До ова доаѓа откако реагираше Струковиот синдикат на контролорите на летање на неколку огласи за примање советници и техничари со средно образование наместо стручни кадри. Контролорите, кои го најавуваат штрајкот за 10 јули, реагираат за серија огласи за, според нив, непотребни вработувања, но и за нарушените односи во државната компанија М-НАВ, за што со писмено обраќање го предупредуваат Управниот одбор.
Состојбата во М-НАВ е влошена како резултат на сериозно нарушените меѓучовечки односи, блокираните процеси за јавни набавки, неуспешната транзиција на нови технички системи, прекршувањето одредби од Колективниот договор, тајните и неосновани измени во систематизацијата, отворањето несуштински работни позиции и прераспоредувањето без почитување на актите на друштвото до раководството, како и непочитувањето точки од спогодбата помеѓу М-НАВ и ССКЛ од 13.7.2023, која беше основа за ставање на штрајкот во мирување – се наведува во обраќањето.
Нивната реакција деновиве ја предизвикаа неколку огласи со кои, на пример, се бараа: оператор со четврти степен средно образование со плата од 66.269 денари во националниот Центар за трансмисија на податоците, авторизација и надзор на летовите; двајца гимназијалци без работно искуство со плата од 51.325 денари во Одделението за воздухопловни информации; техничар за климатизација и техничко одржување со личен доход од 50.179 денари; двајца помошници за развој, инвестиции и набавки… Огласите биле распишани иако претходно Министерството за финансии дало согласност за прием на метеоролози и на инженери, кои се неопходни поради заминувањето на овој кадар во пензија.
Синдикатот смета дека е ова продолжување на партиските вработувања што се непотребни, како што правеше претходното раководство на М-НАВ.
Подготвено од М.Д.