grad-skopje

16.06.2025 Скопје

Најголемата битка ќе се води за фотелјата во која четири години седеше контроверзната скопска градоначалничка Данела Арсовска која победи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ а веднаш потоа ѝ сврти грб.

И од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ тактизираат со обелоденување на кандидат. Она што е јавно познато и што и самите кандидати го потврдија дека за Град Скопје најостра „теренска битка“ се води меѓу градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински. Нивен вистински ривал е екс-градоначалникот Коце Трајановски, кој исто така покажал желба по неколкугодишна апстиненција да раководи со Градот. Од СДСМ пак, екс-министерката за екологија Каја Шукова веќе има поднесено кандидатура, а се разговарало и со познатиот архитект Мишко Ралев, кој според партиски извори има најголеми шанси. Во истите кругови се лиферува и веста дека поголеми шанси од него би можел да има само екс градоначалникот на Карпош, Андреј Петров, а бројни се и поддржувачите на претходникот на Данела Арсовска, Петре Шилегов.

Предизборната атмосфера во партиските штабови е секој ден е се позагреана. Привршуваат анкетите, се прават анализи, се комплетираат изборните штабови, се кројат листите, а познати се и голем број на кандидати за градоначалници во повеќе општини низ државава. Најчесто се тоа старо-нови имиња, или како што велат нивните поддржувачи проверени кадри.

Викендов ВМРО-ДПМНЕ промовираше уште осум нови кандидати за градоначалници, како што рече партискиот лидер Христијан Мицкоски и идни градоначалници. Со претходните 25 кандидати ВМРО ДПМНЕ, објави вкупно 33 кандидати за градоначалници, а во моментов се правеле сондажи за уште 17 општини.

Очекувам бројката за кандидатите за градоначалници за претстојните  локални избори да биде заокружена до средината на јули и практично сите општини да ги добијат имињата на кандидатите. Очекувам целокупниот овој процес да се комплетира некаде крајот на првата половина на јули месец, изјави Мицкоски. Владејачката партија го номинираше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, да биде и претседател на Републичкиот изборен штаб, којшто ќе ја води кампањата за локалните избори.

Тој објави дека за Македонски Брод поддршката на Извршен ја добил Жарко Ристески, кој е и актуелен градоначалник на оваа општина исто како и за Општина Могила каде изборот исто така е актуелниот Драганчо Саботковски. Во Општина Пробиштип во трка влегува Тони Тоневски, за Богданци ВМРО ДПМНЕ го предлага Марјан Пеев, за Општина Демир Капија ја предлага Наталија Димитриева, за Општина Росоман предлог за кандидат за градоначалник е Ѓорги Крстевски, за Општина Новаци е Стевче Стевановски и за Општина Дебрца е Златко Силјановски.

Централниот штаб ќе биде на располагање заедно со еден тим кој што ќе биде формиран за локалните избори, да им помогне за одредени проекти, кој што се од поголемо капитално значење за Македонски Брод, Могила, Новаци, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Росоман и Дебрца. Цениме дека ВМРО-ДПМНЕ со самодоверба чекори кон локалните избори бидејќи сме единствената партија што во моментов има обзнането имиња на 33 кандидати за градоначалници за кои што сметаме дека се на добар пат и да ја добијат довербата на граѓаните. Оние кои што се актуелни градоначалници сметаме дека со досегашната работа, ќе имаат добар кредит да ја добијат и понатамошната доверба, а оние што добиваат шанса за прв пат, искуството кое што го имале претходно во своите општини и поддршката што ќе ја имаат од своите колеги, и од нас како поголема политичка партија, цениме дека ќе им биде ветар во едра за спроведување на добра програма и реализација на добри проекти корисни за нивните општини – изјави Антонио Милошоски.

СДСМ најави дека деновиве ќе објави дел од имињата на кандидатите за градоначалници.

– После 16 јуни ќе објавиме една група на градоначалници, кандидати за градоначалници за околу триесетина општини, а до крајот на месец јуни ќе се објават скоро сите кандидати за градоначалници, истакна Филипче. Тој се пожали дека власта прави политичка сегрегација на инвестирање во општините кои се раководени од опозициски градоначалници и дека тие се  заборавени и целосно е маргинализирано. Сепак, она што е сосема сигурно е дека СДСМ ќе ги поддржи актуелните градоначалници на скопски Центар, Горан Герасимовски и на Крушево, Томе Христовски. За СДСМ дискутабилна е поддршката за актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов од причини познати за партијата.

И партиите кои најавија свои листи и кандидати најавија дека имињата ќе ги обелоденат до крајот на месецов. Извесно е дека ќе се прави коалициска поддршка. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека дел од кандидатите што ќе ги поддржиме уште во првиот круг се кандидати од коалициските партнери, коишто доаѓаат како од ВМРО-ДПМНЕ.

-Но и во рамки на внатрешната коалиција за да видиме како ќе се покажат мерењата на јавно мислење, така што и доколку и таму имаме одредени потенцијали, коишто се над капацитети на ВМРО-ДПМНЕ, ние немаме проблем како политичка партија да ги поддржиме. Така што очекувам целокупниот овој процес да се комплетира некаде кон крајот на првата половина на јули, изјави викендов Мицкоски. Иако не спомена, сепак првата нивна поддршка ќе ја добие лидерот на ЗНАМ за наша Македонија, Максим Димитриевски, кој според анкетите е далеку зад останатите кандидати и дека уште во првиот круг би го добил третиот градоначалнички мандат. Се шпекулира дека ЗНАМ ќе има кандидат за уште неколку општини како скопските Центар и Карпош, Старо Нагоричане…

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не излегоа со конкретно име за кандидат за Кочани, градот кој после трагедијата во дискотеката за смртта треба да добие кандидат кој би можел да ги залечи раните кои во Градот и во целокупната македонска јавност сè уште крвават.

Сепак, најголемата битка ќе се води за фотелјата во која четири години седеше контроверзната скопска градоначалничка Данела Арсовска која победи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ а веднаш потоа и сврти грб. И од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ тактизираат. Она што е јавно познато и што и самите кандидати го потврдија дека за Град Скопје најостра внатрепартиска битка се води меѓу градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински. Нивен вистински ривал е екс-градоначалникот Коце Трајановски кој исто така покажал желба по неколкугодишна апстиненција да раководи со Градот.

Од СДСМ пак, екс-министерката за екологија Каја Шукова веќе има поднесено кандидатура, а се разговарало и со познатиот архитект Мишко Ралев, кој според партиски извори, има најголеми шанси. Во истите кругови се лиферува и веста дека поголеми шанси од него би можел да има само екс градоначалникот на Карпош, Андреј Петров, а бројни се и поддржувачите на претходникот на Данела Арсовска, Петре Шилегов.

Од Левица, пак, по одлука на президиумот на партијата за шеф на Штабот на изборниот штаб е именуван пратеникот и член на највисокото раководство на Левица, Сашко Јанчев. Најавуваат кандидати градоначалници кои, како што велат, нема да бидат носители на партиски багаж и интереси, туку личности со интегритет и визија за јавниот интерес.

Подготвено од М.Д.

About Author