SAD KINA

14.06.2025 Скопје

Кина го потврди трговскиот договор со Соединетите Американски Држави, кој го објави американскиот претседател Доналд Трамп, објави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан.

„Кина отсекогаш го држела својот збор и постигнувала резултати. Сега кога е постигнат консензус, двете страни треба да се придржуваат до него“, кажа Џиан на прес-конференција.

Договорот, постигнат по телефонскиот разговор меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата недела, носи деликатно примирје во трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот.

Телефонскиот повик меѓу Трамп и Џинпинг го прекина застојот кој изби само неколку недели откако беше постигнат прелиминарниот договор во Женева.

Кратко по повикот, следеа нови разговори во Лондон, кои Вашингтон ги оцени како „утврдување на суштината“ на Женевскиот договор за ублажување на билатералните одмазднички тарифи.

Женевскиот договор пропадна поради континуираните ограничувања на Кина за извоз на минерали, што ја натера администрацијата на Трамп да одговори со контроли на извозот што спречуваат испораки на софтвер за дизајн на полупроводници, мотори за авиони произведени во Кина и друга стока во Кина.

Сепак, спецификите на најновиот договор и деталите за тоа како ќе се спроведе остануваат нејасни.

Подготвено од М.Д.

About Author