19.06.2025 Скопје
Рано утрово, серија гласни експлозии се слушнаа во областите на Ерусалим и Тел Авив, пренесуваат медиумите.
Еден од најсериозните инциденти се случил во градот Бер Шева, каде што фрагменти од иранска ракета паднале врз болницата Сорока. Според првичните информации, има повредени. Објавените снимки ги покажуваат првите моменти по експлозијата и обемот на штетата.
Израелската армија претходно предупреди за нови ракетни напади што доаѓаат од Иран, што предизвика тревога во многу делови од Израел.
Експлозиите, слушнати околу 7:10 часот наутро по локално време, биле најмоќните во Ерусалим од почетокот на војната, предизвикани од израелскиот напад врз Иран, кој започна на 13 јуни.
Претходно е објавено дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) детектирале ново лансирање балистички ракети од Иран. Според објавата, сирените за воздушен напад се огласувале низ целиот централен, северен и јужен Израел, како и во областа на Ерусалим. На сите цивили им е наложено да останат во засолништата за бомби до понатамошно известување.
Екипи на итна медицинска помош се испратени на местата на ирански напади со балистички ракети откриени во централен и јужен Израел, додаде медиумот, истакнувајќи дека војската соопштила дека денешниот бран ракети бил поголем од претходните.
Според локалните медиуми, биле испукани најмалку 25 до 30 ракети.
Најмалку три ракети паднале во областа Гуш Дан, додека една го погодила регионот Негев. Жителите на Бат Јам, исто така, пријавиле директен удар. Службите за итни случаи биле испратени на погодените локации.
Подготвено од М.Д.