inflacija-8-696x392.jpg

10.06.2025 Скопје

По неколку месеци релативна ценовна стабилност, инфлацијата во РС Македонија повторно забрзува. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во мај 2025 година годишната инфлација изнесува 3,3 проценти, што е значително зголемување во однос на април, кога беше на ниво од 2,6 проценти.

Најголемиот удар врз џебот на граѓаните го задаваат ресторани и хотели, каде цените се зголемени за 7,8 проценти во однос на истиот месец лани. Веднаш зад нив е категоријата храна и безалкохолни пијалаци, која бележи годишен раст од 4,1 проценти.

Во месечна споредба, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај, споредено со април, изнесува 1,5 проценти. Ова е највисока месечна стапка за оваа година.

Од друга страна, цените во транспортот се намалени за 3,6 проценти, што е единствената ставка со поголем пад, додека ресторани и хотели имаат симболично намалување од 0,2 проценти на месечно ниво. Цените за комуникации се снижени за 0,1 процент, а трошоците за образование остануваат непроменети.

Кога се следи индексот на цените на мало, тој во мај 2025 година е повисок за 1,6 проценти во однос на мај 2024 година. Посебно загрижувачко е зголемувањето на цените кај земјоделските производи за 7,6 проценти, а следуваат прехранбените производи со раст од 5,3 проценти, и индустриско-прехранбените со 4,5 проценти.

Индексот на цените на мало во мај во споредба со април достигна 100,2, што укажува на постепен раст во повеќето категории производи.

Подготвено од М.Д.

About Author