
17.06.2025 Скопје
Европската комисија ја казни Грција со 392 милиони евра поради неправилно управување со европските земјоделски субвенции во периодот од 2016 до 2023 година. Најголем дел од казната се должи на недоволниот надзор на грчката Организација за исплата и контрола на европските субвенции (ОПЕКЕПЕ), која беше укината на крајот на мај по голем корупциски скандал.
ЕК во образложението наведува дека Грција го прекршила европското законодавство поврзано со финансирањето на Заедничката земјоделска политика. Според Комисијата, проблемот е системски и со години немало соодветен надзор и функционирање на системот за управување со субвенциите.
Со таканаречена „хоризонтална корекција“, Европската комисија го намалила износот на идните субвенции за Грција за 5 проценти, а дополнително изрекла казна од 10 проценти за средствата исплатени во 2018, 2019 и 2020 година за поддршка на млади фармери. Најголемите санкции се однесуваат на субвенциите за земјоделско земјиште во 2021 и 2022 година – соодветно 79 милиони и 76 милиони евра.
Се наведува дека најверојатно казната ќе биде платена од државниот буџет, бидејќи алтернативно би морале да се намалат субвенциите за земјоделците, што би било политички неприфатливо.
Во 2025 година се очекуваше Грција да добие околу 1,9 милијарди евра директни субвенции од ЕУ, но сега тој износ ќе се намали за 392 милиони евра поради неправилните исплати.
Извори од земјоделскиот сектор за весникот изјавиле дека ова е само почеток и дека следуваат нови санкции. Во март годинава, Судот на ЕУ ја одби жалбата на Грција на претходна одлука на ЕК и ја задолжи да ги покрие и судските трошоци.
Скандалот избувна кога Европското обвинителство отвори истрага против 100 лица во Грција. Осомничените давале лажни изјави за поседување или користење пасишта и за земјоделски активности што не ги спроведувале, со што добивале незаконски субвенции.
На 19 мај, обвинители од Европското обвинителство, придружувани од 20 припадници на одделот за борба против корупција на грчката полиција, се обиделе да извршат претрес во седиштето на ОПЕКЕПЕ, но се соочиле со опструкции од страна на вработените. По скандалот, грчката Влада го разреши претседателот на агенцијата, а нејзините надлежности ги пренесе на Независната агенција за јавни приходи.
Подготвено од М.Д.