ekonomska-matematika

11.06.2025 Скопје

Поради најавените трговски војни Светската банка (СБ) денес ја намали прогнозата за раст на глобалната економија на 2,3 проценти, што е значително намалување од 2,8 проценти во 2024 година.

Светската банка предвиде дека американската економија ќе порасне за 1,4 проценти во споредба со 2,8 проценти  во 2024 година.

„Светската економија повторно запаѓа во турбуленции. Без брза корекција на курсот, штетата врз животниот стандард би можела да биде сериозна“, се предупредува во извештајот на СБ.

Кинеската економија ќе забави од пет проценти во 2024 година на 4,5 проценти оваа година и четири проценти во 2026 година. Втората најголема економија во светот е погодена од тарифите наметнати од администрацијата на Трамп, колапсот на пазарот на домување и стареењето на работната сила.

Светската банка очекува европските земји што го користат еврото да имаат скромен раст од само 0,7 проценти годинава, што е намалување од 0,9 проценти во 2024 година.

Според новите процени на СБ, Индија повторно ќе биде најбрзо растечката економија во светот, со раст од 6,3 проценти во 2025 година. Но, тоа е помалку од 6,5 проценти во 2024 година и 6,7 проценти што банката ги предвиде за 2025 година во јануари.

Во Јапонија, се очекува економскиот раст да се забрза оваа година, но само за 0,2 проценти и ќе достигне 0,7 проценти, што е помалку од 1,2 проценти што Светската банка ги предвиде во јануари.

Подготвено од М.Д.

About Author