GERMANIJA EKONOMIJA

04.06.2025 Скопје

Германскиот кабинет денеска треба да усвои пакет даночни олеснувања за компаниите во вредност од околу 46 милијарди евра, како дел од поширокиот напор за оживување на економијата за која се предвидува дека во 2025 година ќе стагнира трета година по ред.

Владејачката коалиција на канцеларот Фридрих Мерц – која ја сочинуваат неговиот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите – се согласи на отписи од дури 30 отсто за компаниите што ќе купат движен имот меѓу крајот на јуни годинава и јануари 2028 година, според нацрт-законот.

Пакетот, кој треба да биде одобрен од парламентот, вклучува и дополнителни бенефиции за амортизација за фирмите што купуваат електрични возила за своите возни паркови со бруто-цена до 100.000 евра.

Најголемата економија во Европа е особено изложена на глобалните трговски превирања предизвикани од царинските притисоци од американскиот претседател Доналд Трамп. Клучните индустрии, како што се автомобилската и хемиската индустрија, се потпираат на извозот на пазари, вклучувајќи ги САД и Кина, за да ги заштитат работните места дома.

Како дел од мерките што треба да се потпишат денеска, министерот за финансии Ларс Клингбеил планира постепено да ја намали стапката на корпоративен данок во период од пет години, почнувајќи од 2028 година. Вкупниот товар би се намалил на околу 25 проценти од околу 30 проценти, колку што е моментално.

Клингбеил има намера и да го подобри даночниот третман на задржаната добивка и да ги прошири даночните олеснувања за истражување и развој.

Се очекува мерките да ги намалат федералните даночни приходи за околу 2,5 милијарди евра годинава, а до 2028 година износот ќе се зголеми на околу 12 милијарди евра, според документ што го сподели Министерството за финансии.

Пакетот е широко прифатен од индустриските здруженија, иако некои се пожалија дека не се оди доволно далеку и дека е потребно повеќе за да се поттикне значаен раст.

„На првите најавени мерки им недостигаат насочени стимулации за малите и средните претпријатија“, рече Дирк Јандура, претседател на германската лоби-група за трговија на големо, надворешна трговија и услуги, во изјава испратена по е-пошта.

„Ситуацијата тука останува драматично лоша“, додаде тој. „На нашите компании им се потребни поголеми даночни олеснувања за да станат повторно конкурентни на меѓународно ниво“.

Нацрт-законот треба да добие одобрение и во Долниот дом на Бундестагот и во Горниот дом на Бундестагот, каде што се претставени 16-те покраини на Германија. Владата изјави дека ќе се обиде да ги спроведе мерките пред да започне летната пауза околу средината на јули.

Подготвено од М.Д.

About Author