fon der lajen

11.06.2025 Скопје

Европската комисија предлага намалување на горната граница на цените на руската нафта од 60 на 45 долари за барел, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Таа потенцираше дека целта е да се засили притисокот врз Русија поради отсуството на индикации за подготвеност за мир во Украина. Според Фон дер Лајен, една третина од рускиот буџет сè уште се состои од приходи од продажба на горива.

Денес, таа предложи ЕУ да воведе забрана за увоз на производи добиени од преработка на руска сурова нафта, како и забрана за трансакции со руски банки кои се наоѓаат на европските санкциски списоци, при што дополнителни 22 руски банки би биле додадени на овие списоци. Овие мерки би се применувале и за држави надвор од ЕУ. Комисијата, исто така, предлага забрана за сите трансакции поврзани со гасоводот „Северен тек“. “Нема враќање назад”, предупреди Фон дер Лајен.

Таа додаде дека Рускиот фонд за директни инвестиции, неговите филијали и проектите во развој треба да бидат опфатени со европските ограничувања. Фон дер Лајен појасни дека пред војната во Украина, ЕУ месечно купувала горива од Русија за 12 милијарди евра, а денес таа сума изнесува околу една милијарда евра.

Таванот на цените на нафтата, кој е понизок од пазарните цени, ќе биде разгледан на самитот на Г7 во Канада во наредните денови. “Во контакт сме со САД во врска со санкциите и го споделуваме стремежот да ја натераме Русија сериозно да учествува во преговорите за праведен и траен мир”, рече таа, додавајќи дека верува оти оваа цел ќе биде остварена. Фон дер Лајен нагласи дека војната мора да престане и дека Русија треба да се вклучи во преговори со сериозен предлог.

“Целта на Русија не е мир, туку наметнување на правото на силата”, рече таа, посочувајќи дека и покрај дипломатските напори и предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за прекин на огнот, Русија продолжува да сее уништување и смрт.

ЕУ замрзнала 210 милијарди евра од имотот на Руската централна банка, а европските санкции ја погодуваат руската економија, предизвикувајќи пад од речиси 80 проценти на приходите од продажба на горива и инфлација над 10 проценти. “Го зголемуваме притисокот, бидејќи Русија разбира само сила”, заклучи Фон дер Лајен.

Подготвено од М.Д.

About Author