Nuklearna elektrana

14.06.2025 Скопје

Европската комисија ја смета нуклеарната енергија за неопходна за енергетската транзиција и за тоа ќе и бидат потребни многу пари. Планираната експанзија на нуклеарната енергија во Европската Унија ќе бара инвестиции во износ над 240 милијарди евра до 2050 година, проценуваат од Комисијата.

Овие средства  ќе бидат потребни за спроведување на нуклеарните планови на некои земји-членки, како и за продолжување на животниот век на постојните реактори и за изградба на нови големи реактори.

Некои земји од Европската Унија, како Франција и Белгија, во голема мера се потпираат на нуклеарната енергија, додека Полска планира да се приклучи и да започне со изградба на својата прва нуклеарна централа до 2028 година.

Нуклеарната енергија се смета за извор на енергија со ниски емисии на јаглерод диоксид. Секоја членка на ЕУ има право да го избере својот енергетски план. Во Германија, последните нуклеарни централи беа затворени во април 2023 година.

Комисијата наведува дека до 2040 година, повеќе од 90 проценти од електричната енергија во ЕУ ќе доаѓа од зелени извори,  претежно од обновливи извори, како што се ветерната и сончевата енергија, но и од нуклеарни централи.

Минатата година  претседателката на ЕК  Урсула фон дер Лајен повика на проширување на нуклеарната енергија поради глобалната политичка ситуација.

Подготвено од М.Д.

About Author