tender gas eu

17.06.2025 Скопје

Словачка и Унгарија ги блокираа заклучоците на состанокот во Луксембург за постепено напуштање на увозот на руски гас, додека Комисијата објави дека утре ќе објави законски предлог во оваа смисла, за кој не е потребен консензус.

Вчера, на состанокот на министрите на земјите-членки задолжени за енергетика, полското претседателство предложи текст на изјава во која се поддржува планот на Европската комисија презентиран на 6 мај за постепено отстранување на руската нафта, гас и нуклеарна енергија од пазарот на ЕУ, што ќе се одвива на координиран начин.

Сепак, две земји-членки, Унгарија и Словачка, одбија да го поддржат текстот, кој беше поддржан од другите 25 членки.

Унгарското вето и прашањето за суверенитетот

„Унгарија стави вето на заклучоците на Советот со кои се повикува Европската комисија да продолжи со планот за забрана на рускиот гас и нафта. Енергетската политика е национална одговорност и ова го загрозува нашиот суверенитет и енергетска безбедност. Со оглед на ескалацијата на Блискиот Исток, предложивме таков план воопшто да не се предлага“, објави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, на X.

Комисијата објавува законски предлог

По дискусијата, Комисијата објави дека оваа недела ќе објави законски предлог за постепено напуштање на увозот на руски фосилни горива, нафта, гас и нуклеарно гориво.

Според правилата на ЕУ, за усвојување на заклучоците е потребен консензус, додека законските предлози што се усвојуваат во редовна постапка во која Советот и Парламентот одлучуваат заедно, можат да бидат усвоени со квалификувано мнозинство од земјите-членки и со едноставно мнозинство во Европскиот парламент.

Данското претседателство ја презема иницијативата

Откако Комисијата ќе објави законски предлог, земјите-членки прво мора да се договорат за заедничка позиција врз основа на која ќе преговараат со Европскиот парламент.

Со само две недели преостанати до крајот на полското претседателство, нереално е да се очекува земјите-членки да се согласат за заедничка позиција во тој временски рок.

Задачата за усогласување за заедничка позиција затоа ќе ја преземе претстојното данско претседателство, кое најави дека ќе му даде на ова прашање највисок приоритет. „Нашата намера е да постигнеме политички договор и да започнеме преговори со Парламентот пред Кипар (кој ќе претседава во првата половина од 2026 година) да ја преземе функцијата“, објави претстојното данско претседателство.

„За нас, ова не е само енергетски пакет – ние го нарекуваме Европски пакет за слобода. Намалувањето на зависноста од руските фосилни горива е од суштинско значење за безбедноста, отпорноста и суверенитетот на Европа“, објави претстојното данско претседателство.

Подготвено од М.Д.

About Author