
17.06.2025 Скопје
Преговарачите од Брисел се надеваат дека понудата Европската Унија да прифати американски царини од 10 проценти за целиот извоз во САД ќе помогне да се избегнат повеќе царини за автомобили, лекови и електроника, објави германски весник.
Повикувајќи се на високи претставници на ЕУ, весникот наведува дека таквата понуда би им била дадена на САД со одредени услови и нема да се третира како трајна мерка. За возврат, ЕУ е подготвена да ги намали царините за американските автомобили и да ги отстрани техничките и правните пречки за да им го олесни на американските производители пласирањето на возила на пазарот во Европа.
Исто така, Брисел понуди целосно да го забрани увозот на руски природен гас, што би ја зголемило побарувачката за американски енергетски производи. Европската комисија сè уште не одговорила на барањето за коментар.
Овој пристап на ЕУ делумно произлегува од фактот дека американскиот претседател Доналд Трамп планира да обезбеди дел од буџетот за даночни олеснувања преку царински приходи. Сепак се додава дека американските преговарачи сè уште не се согласиле да ги ограничат своите царини за европските автомобили на десет проценти.
Подготвено од М.Д.