znaminjata na eu i ukraina

06.06.2025 Скопје

Европската Унија дозволи да заврши периодот на важност на трговските олеснувања за Украина, со што престана системот на ослободување од давачки воведен веднаш по започнувањето на руската агресија врз државата во 2022 година.

Според Европската комисија, преодните мерки завршија на полноќ, а постоечките спогодби ќе останат активни сѐ додека не биде постигнат нов трговски договор.

Оваа промена значи дека украинските производи повторно ќе подлежат на тарифни ограничувања според претходниот договор од 2016 година. Во јуни 2022 година, ЕУ ги укина давачките за украинскиот увоз како дел од напорите да се помогне на економијата на земјата зафатена од војна.

Мерките беа обновени минатата година, но со воведување на поригорозни ограничувања за одредени земјоделски производи, како што се жито, јајца и живина.

Олеснувањата предизвикаа протести од фармери во неколку земји-членки, особено во источниот дел на ЕУ, кои се пожалија дека евтиниот украински увоз ги потиснува домашните производители. Во Франција исто така имаше барања за построги царински мерки. Според европски дипломати, националните земјоделски интереси одиграле значајна улога во дебатата за укинување на олеснувањата.

До крајот на 2025 година, Украина ќе може да извезува само до седум дванаесеттини од годишните квоти утврдени според претходниот договор. Европската комисија соопшти дека работи на нов договор кој ќе ги земе предвид и загриженостите на земјите членки и потребите на земјоделските производители.

Подготвено од М.Д.

About Author