
10.06.2025 Скопје
На почетокот на мај, Европската Унија започна со спроведување построги правила за потрошувачката на енергија на електричните уреди во режим на подготвеност, т.е. оние во режим на „готовност“ или оние што се исклучени. Овие ревидирани мерки беа формално усвоени во април 2023 година и имаат за цел намалување на скриената потрошувачка на енергија и намалување на сметките и емисиите низ целиот блок.
Електричните производи често продолжуваат да трошат енергија дури и кога изгледаат исклучени или се во мирување. Најновата ревизија воведува построги ограничувања за нови производи пласирани на пазарот на ЕУ од мај 2025 година па наваму. Клучно е што се проширува опфатот на нови категории уреди што трошат енергија – вклучувајќи уреди со низок напон како што се Wi-Fi рутери, безжични звучници и, за прв пат, моторизиран мебел и опрема како што се ролетни, маси и завеси.
Околу 800 милиони засегнати производи се продаваат низ цела ЕУ секоја година, а се проценува дека пет милијарди веќе се во употреба. Кога новите правила ќе бидат во велосна примена, се очекува да ја намалат потрошувачката на електрична енергија за четири терават-часови годишно до 2030 година, што е речиси двојно поголема од годишната потрошувачка на Малта.
Потрошувачите ќе заштедат 530 милиони евра годишно до крајот на деценијата, а поголеми заштеди ќе дојдат од замена на постарите уреди. Правилата ќе се воведуваат постепено во текот на четири години, а производителите исто така ќе мора да обезбедат појасни податоци за потрошувачката на енергија во режим на подготвеност, помагајќи им на потрошувачите да донесуваат попаметни и поеколошки одлуки за купување.
Полначот за телефон што секогаш е во ѕиден штекер или продолжен кабел, полнач за лаптоп на вашата маса, ако постојано е приклучен на изворот на електрична енергија, постојано ќе ја трошат енергијата, иако во помали количини.
Ист е случајот и со микробрановата печка, која троши електрична енергија дури и кога не е во употреба бидејќи има тајмер што го покажува времето потребно за нејзино стартување.
Кога станува збор за десктоп компјутери и лаптопи, таа обично не се исклучува целосно, туку преминува во режим на спиење, што исто така троши одредена количина електрична енергија. Телевизор кој е исклучен преку далечинскиот управувач и останува вклучен во ѕидот, исто така ќе троши електрична енергија преку ноќ.
Подготвено од М.Д.