SOBRANIE NA RSM

13.06.2025 Скопје

Темата што повторно се отвори овие денови за една изборна единица пропадна во Собранието, иако вербално сите ја поддржуваат оваа промена. Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, го образложи предлогот пред пратениците но за него гласаа само 19 пратеници од опозицијата.

„Не е фер гласовите на околу 30 до 40 илјади граѓани да одат во вода, само заради изборниот модел. Ова не е само политичка неправда, туку е уставна повреда на начелото за еднаквост на гласот“, рече Моника Зајкова.

Според Зајкова, демократијата ќе се унапреди доколку постои можност граѓанинот да го бира директно својот пратеник преку отворени листи: „Има страв од отворените листи кај оние кои со години ја градат својата моќ на неотчетност, на контролирани листи“.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ е за една изборна единица, но да гласаат и граѓаните во дијаспората.

Претходно од ДУИ истакнаа дека тие поддржуваат предлог за една изборна единица со отворени листи, но со изборен праг за избор на пратеници – 3% од регистрираните гласачи или 5% од излезените на изборите.

Подготвено од М.Д.

About Author