
03.06.2025 Скопје
Веста дека Црна Гора е на еден чекор од воведување на седумчасовно работно време одекна во регионот. Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ неодамна потврди дека оваа земја е блиску до наоѓање модел што би ги задоволил и синдикатите и работодавачите.
Како што беше најавено, намерата е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на трудот, која има за цел „подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и повеќе време за семејствата, но и поефикасна и попродуктивна работа“.
Во интервју, генералната секретарка на Синдикатот на работодавачи на Црна Гора (UPCG) Сузана Радуловиќ истакнува дека едностраното воведување на таква мерка, без претходна детална анализа и договор со социјалните партнери, би можело да предизвика значителни дополнителни трошоци и оптоварувања за работодавачите.
„Веруваме дека е важно социјалната политика да се спроведува одговорно и сме категорично против товарот да се адресира само на економијата, што долго време е практика во Црна Гора. Очигледно е дека воведувањето на седумчасовен работен ден би имало различни ефекти по сектори – додека можеби би било полесно да се имплементира во некои административни или услужни гранки, секторите како што се туризмот, трговијата, градежништвото, земјоделството и производството би се соочиле со сериозни предизвици во организацијата на работата, продуктивноста и трошоците. Овој вид реформа не може да бара универзално решение“, оценува нашиот соговорник.
Според неа, преговорите со претставниците на Владата на Црна Гора штотуку започнале, а имајќи ги предвид сите предизвици со кои се соочува економијата во контекст на толку значајна промена, тие ќе бидат „и заморни и тешки“. Како што вели Радуловиќ, целта на UPCG не е да ги запре реформите, туку да постигне одржливи решенија заедно со партнери кои нема да ја загрозат конкурентноста на црногорската економија и работните места.
Како дел од подготовката за овој процес, Синдикатот на работодавачи на Црна Гора ќе спроведе анкета меѓу своето членство и деловната заедница во наредните денови, со цел да се обезбеди став што „легитимно ја одразува состојбата, капацитетите и потребите на целата економија – од различни сектори, големини на компании и региони“.
Подготвено од М.Д.