
02.06.2025 Скопје
Се очекува Бугарија да добие зелено светло од Брисел за усвојување на еврото во јуни, но оваа перспектива ги вознемири многу граѓани.
„Ако Бугарија се приклучи на еврозоната, тоа ќе биде како да се качувате на Титаник“, изјави пензиониран висок функционер на неодамнешниот протест со кој се бараше задржување на валутата на земјата, левотот.
Од јануари, противниците на единствената европска валута во Бугарија организираат протести и бараат референдум за ова прашање, среде поплава од дезинформации.
Сеќавањата на економската криза од 1996-1997 година, во која 14 банки пропаднаа, а хиперинфлацијата беше повеќе од 300 проценти, исто така се оживеаја, поттикнувајќи го противењето.
Неколку неодамнешни анкети покажаа дека речиси половина од испитаниците велат дека се противат на приклучувањето на Бугарија кон еврозоната.
Дебатата повторно ја разгоре анти-ЕУ пропагандата, а многу од оние што се противат на усвојувањето на еврото почнаа да мавтаат со руски знамиња.
Бугарија, која се приклучи на Европската Унија во 2007 година, е најсиромашната земја во блокот.
И „сиромашните се плашат да не станат посиромашни“, рече Боријана Димитрова, директорка на Институтот за истражување Алфа.
Ова, во комбинација со недовербата во институциите по години нестабилност, создаде плодна почва за населението од 6,4 милиони да се плаши од економски промени.
Овој страв го поттикнаа некои политички групи, вклучувајќи ја и крајно десничарската партија Вазраждане, која повика на нов анти-евро митинг во главниот град во саботата.
Прорускиот претседател на земјата, Румен Радев, даде изненадувачка најава на почетокот на мај, повикувајќи исто така на референдум за ова прашање.
Оваа недела тој ја обвини владата дека не ги спровела потребните мерки за да им овозможи на „најранливите“ да го издржат шокот од усвојувањето на еврото.
Според Евростат, една третина од Бугарите се соочиле со закана од сиромаштија или социјална исклученост минатата година.
Дезинформациите, широко распространети на социјалните медиуми, лажно тврдат дека со воведувањето на еврото, „Брисел ќе ги конфискува вашите заштеди за да ја финансира Украина“.
Во меѓувреме, проевропските гласови се борат да бидат слушнати.
„Во Софија и поголемите градови, населението – побогато, подобро образовано и помладо – го гледа тоа како логичен следен чекор во процесот на европска интеграција“, рече Димитрова.
Подготвено од М.Д.