BUGARIJA evro

04.06.2025 Скопје

Вестите велат дека надежите на Бугарија за приклучување кон еврото би можеле да добијат значаен импулс денес, кога Европската комисија ќе го објави своето мислење за тоа дали државата ги задоволува условите за приклучување кон единствената валута.

Владата во Софија на почетокот на годината изјави дека презема нов напор за приклучување кон еврозоната до јануари 2026 година.

Бугарија е дел од Европската унија од 2007 година и порано планираше да ја замени својата домашна валута, левот, со еврото во 2024 година, но усвојувањето беше одложено поради релативно високата стапка на инфлација од 9,5 проценти во тој период.

Европската комисија пред кратко време соопшти дека очекува стапка на инфлација од 3,6 проценти за Бугарија во сегашната година и 1,8 проценти во 2026 година, што ги зголемува очекувањата дека Софија е подготвена да влезе во еврозоната.

Критериумите за приклучување кон еврото вклучуваат стабилност на цените, добри јавни финансии и стабилни девизни курсеви, покрај другите услови.

Доколку Комисијата утврди дека Бугарија е подготвена да стане 21-ва земја-членка на ЕУ која ќе ја користи единствената валута, останатите земји-членки на ЕУ и Европскиот парламент сепак ќе треба да дадат одобрение.

Во самата Бугарија, евентуалното воведување на еврото предизвика жестоки демонстрации. Проруската националистичка опозициска партија „Преродба“ повика на референдум за задржување на левот. Активистите собраа 604.000 потписи во полза на референдум.

Бугарскиот парламент, сепак, двапати го одби референдумот за прашањето за валутата, во 2023 година и неодамна во мај годинава. Според партијата „Преродба”: „Повикуваме на референдум за задржување на левот”.

Подготвено од М.Д.

About Author