ARMY-UK

03.06.2025 Скопје

Британскиот премиер Кир Стармер во Глазгов соопшти дека Обединетото Кралство преминува на „воена подготвеност“, претставувајќи ја новата стратешка насока за значително зголемување на одбранбените трошоци и воените капацитети на земјата. Мерките се дел од најновата Стратешка одбранбена ревизија, која ќе биде објавена до крајот на денот.

„Првата линија на бојното поле е овде“, рече Стармер, предупредувајќи дека Велика Британија се соочува со најсериозна и најнепредвидлива закана од крајот на Студената војна, укажувајќи на руската агресија по инвазијата на Украина во 2022 година.

Во рамки на најавените мерки, владата планира изградба на до 12 нови јуришни подморници преку безбедносниот сојуз AUKUS со САД и Австралија, кои ќе се испорачуваат на секои 18 месеци. Ќе бидат изградени и најмалку шест нови фабрики за муниција, како и илјадници нови проектили со долг дострел.

Британската влада ќе вложи и 15 милијарди фунти во развој на нуклеарни боеви глави, што според неа е темел на долгорочната безбедност на нацијата. Дополнително, инвестициите ќе опфатат напредни технологии, вештачка интелигенција и борбени дронови.

Стармер најави три главни приоритети: целосна воена подготвеност на армијата, зајакнување на улогата на Велика Британија во НАТО, и забрзани иновации со воено темпо. „Најдоброто одвраќање од директни закани е подготвеноста. Мора да покажеме сила за да го обезбедиме мирот“, истакна премиерот.

Иако не прецизираше кога буџетот за одбрана ќе достигне 3% од БДП, Стармер рече дека амбицијата останува, но нема да биде официјализирана додека не се обезбедат сигурни финансиски извори. Засега, целта е буџетот да се зголеми на 2,5% до 2027 година.

„Сто проценти сум сигурен дека ова може да се реализира“, рече Стармер, нагласувајќи дека новата стратегија има за цел единство, сила и заштита на британскиот народ во време на глобална нестабилност.

Подготвено од М.Д.

About Author