
05.06.2025 Скопје
Според извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), пензиите се главен извор на приход за старите лица во Европа, а податоците на Евростат покажуваат дека пензиските фондови годишно издвојуваат од 16.138 евра до дури 35.959 евра по корисник во земјите од ЕУ.
Во многу европски земји, пензиите и социјалните бенефиции сочинуваат повеќе од 70 проценти од приходите на домаќинствата на старите лица, а во некои случаи надминуваат 80 проценти.
Податоците на Евростат, покажуваат дека пензиските фондови издвојуваат 16.138 евра по корисник годишно во ЕУ, или 1.345 евра месечно, но ситуацијата значително варира од земја до земја. Просекот во ЕУ е сè уште недостижен за „посиромашните“ земји како што се Бугарија, Романија, Литванија итн… додека во некои земји, на пример, пензионерите добиваат повеќе од 30.000 евра годишно.
Во Бугарија, годишната пензија е 3.611 евра, во Луксембург е 31.385 евра, додека во Исланд е 35.959 евра. Ако го земеме предвид регионот, во Албанија, на пример, годишно пензионерите добиваат 1.648 евра, што е убедливо најмалку во Европа.
Во Норвешка и Данска, просечната годишна пензија по корисник е над 30.000 евра. Шведска (22.436 евра) и Финска (21.085 евра) се исто така значително над европскиот просек.
Албанија, чии пензионери добиваат 1.648 евра годишно, е на дното на рангирањето, а зад неа, според податоците на Евростат, е Турција, каде што пензионерите добиваат 2.942 евра годишно, додека веднаш зад нив е Босна и Херцеговина, каде што пензионерите добиваат просечно 3.041 евра годишно. Во Србија, годишната пензија е 3.468 евра, додека Црна Гора е најдобра во регионот со просечна годишна пензија од 3.962 евра.
Ако ги земеме предвид четирите најголеми членки на ЕУ, имено Франција, Германија, Шпанија и Италија, највисоката просечна пензија е токму во Италија, каде што пензионерите добиваат просечно 19.589 евра годишно. Веднаш зад нив се Французите, кои добиваат 18.855 евра, потоа Шпанците, кои добиваат просечно 18.100 евра годишно, а на дното од најразвиените е Германија, чии пензионери добиваат 17.926 евра годишно. Сепак, во сите овие земји просечните пензии се повисоки од просекот во ЕУ.
Подготвено од М.Д.