
05.06.2025 Скопје
Ракометниот клуб Алкалоид официјално е новиот освојувач на ЕХФ Европскиот куп за мажи, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе конечна одлука по контроверзниот прекин на финалната серија со грчкиот АЕК. Гостинскиот тим од Атина одби да се појави на реваншот во Скопје, поради забрана за влез во земјата на дел од нивните навивачи.
И покрај тоа што ситуацијата беше јасна – натпреварот не се одигра поради одлука на грчкиот тим – ЕХФ бараше дополнителни изјави од двата клуба, пред конечно да го потврди исходот. Одлуката ја доби страната што не ја наруши спортската регуларност – пехарот оди кај Алкалоид.
Во првиот финален натпревар, Алкалоид предводен од Кире Лазаров славеше во Атина со 25:29, што само ја зацврсти правичноста на одлуката на ЕХФ.
Сепак, жалење останува кај македонската публика што не можеше да го прослави историскиот успех во живо. Салата „Борис Трајковски“ беше исполнета до последното место, подготвена за славје што никогаш не се случи.
„Резултатот од реваншот од финалниот натпревар на ЕХФ Европскиот куп за мажи 2024/25, помеѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина, е 10:0 гола и 2:0 бода… РК Алкалоид е победник на ЕХФ Европскиот куп за мажи 2024/25, вклучувајќи ги сите последици и предности што произлегуваат од оваа титула“.
Жалбите на АЕК нема да имаат суспензивно дејство, а дисциплинските постапки за штетите и билети сè уште се во тек.
Со оваа титула, РК Алкалоид станува првиот македонски клуб што го освоил ова натпреварување, втор што подигнал европски пехар во Скопје, и трет што стигнал до трофеј во европските купови под капата на ЕХФ – по Вардар и Металург.
Подготвено од М.Д.