MERC

15.05.2025 Скопје

Новоизбраниот германски канцелар Фридрих Мерц изјави дека ќе се залага за трансатлантско единство во преговорите со Русија за крај на војната во Украина.

Од огромна важност е политичкиот Запад да не дозволи да биде поделен, рече конзервативецот во своето прво обраќање во парламентот откако ја презеде функцијата.

Затоа ќе продолжам да вложувам максимални напори за да обезбедам најголемо можно единство меѓу европските и американските партнери, додаде тој.

Неговите забелешки доаѓаат по пресвртот во американската надворешна политика, што поттикна стравувања дека администрацијата на Доналд Трамп би можела да направи отстапки кон Русија во мировните преговори со Украина.

Европските сојузници на Вашингтон досега во голема мера беа маргинализирани во разговорите меѓу САД и Русија иницирани од Трамп.

Мерц нагласи дека Украина не може да биде принудена да се согласи на мировен договор против своја волја.

Се надеваме и сите работиме напорно за да обезбедиме овој јасен став да се заземе не само насекаде во Европа, туку и од нашите американски партнери, рече тој.

Во исто време, тој му се заблагодари на Трамп за неговата поддршка на заедничкиот предлог на Германија, Франција, Полска и Велика Британија за 30-дневен безусловен прекин на огнот.

Таквиот прекин на огнот може да отвори прозорец во кој мировните преговори стануваат можни, забележа Мерц.

Подготвено од М.Д.

About Author