
13.05.2025 Скопје
Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.
„Обвинетиот Васил Јованов е виновен. Судот обвинетиот го осудува на казна затвор во траење од 12 години. Му се изрекува и забрана за управување со моторно возило“, рече судијката Снежана Марковска.
Таткото на Фросина Кулакова, Тодор, револтиран од висината на казната, ја напушти судницата.
„Судот е мафија!“, рече тој и излезе од салата.
На првото рочиште, Јованов призна вина и се извини на семејството на Фросина.
„Разбирам за што сум обвинет. Ќе се произнесам за мојата вина. Сакам да изразам најдлабоко сочувство кон целото семејство. Да се извинам за тоа што го сторив. Да суде, виновен сум“, рече Јованов на првото рочиште.
Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.
Подготвено од М.Д.