
22.05.2025 Скопје
Предлог на претседателката Гордана Сиљановска- Давкова за нов гувернер на Народната банка е актуелниот претседавач со Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
„Ве информираме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка. При донесувањето на одлуката, Претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, соопштуваат од кабинетот на претседателката.
Предлогот е веќе испратен до Собранието, службите го примиле овој предлог и се очекува веќе од утре да почне процедурата за негов избор
Трајко Славески е универзитетски професор, економист и политичар. Тој е редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ, каде што предава макроекономија и државна регулација. Тој беше и министер за финансии. Славески е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и има учествувано во изработката на програмските документи на партијата.
Подготвено од М.Д.