
09.05.2025 Скопје
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека Србија во сегашната состојба не може да напредува на патот кон членство во Европската унија и дека заминувањето на претседателот Александар Вучиќ во Москва претставува јасно фаворизирање на рускиот претседател Владимир Путин.
Пицула вчера на прес-конференцијата кажа дека раководството на Србија тврди дека нивна цел е членство во ЕУ, што подразбира исполнување на потребните критериуми, но дека тоа не е случај и дека има многу „нејаснотии и контроверзии“, особено кога станува збор за надворешната политика.
„Сметаме дека некој што тврди дека неговата земја е демократска и дека има демократски и европски аспирации не може да се најде во ситуација каде што учествува во парадата на Путин на Црвениот плоштад“, кажа Пицула.
По посетата на Вучиќ на Москва, каде што на 9 мај ќе присуствува на Парадата со победата на која Русија одбележува 80 години од победата над фашизмот во Втората светска војна, според Пицула, „просторот ќе се стесни за сите институции и политичари во ЕУ кои ја опишуваат моменталната ситуација во Србија како умерена“.
„Српскиот свет“ и ЕУ не можат да одат заедно“, рече Пицула.
Во врска со можноста за отворање на третиот кластер во преговорите за пристапување меѓу Србија и ЕУ, Пицула рече дека Вучиќ сега им дал на институциите на ЕУ јасен одговор.
„Србија во состојбата во која се наоѓа сега не е способна да напредува на европскиот пат. Ова очигледно е застанување на страната на Путин. Ако застанете на страната на Путин, тоа испраќа силен сигнал до демократиите во ЕУ, и ако мене ме прашувате, не мислам дека е можен напредок на Србија на патот кон членството. Не знам дали формално ќе го сопреме или само ќе го замрзнеме како во случајот со Грузија или Турција“, рече Пицула.
Како одговор на коментарот на новинар дека премиерот на Словачка, членка на ЕУ, Роберт Фицо, исто така ќе оди во Москва, Пицула кажа дека сега е на ЕУ да одлучи дали ќе го толерира тоа или е време да испрати појасна порака до Братислава дека таквото однесување е неприфатливо.
Пицула оцени дека во Србија постои длабоко поларизирано општество, кое во моментов не е во можност да го направи она што е потребно за напредок кон членство во ЕУ.
„Спротивно на наративот за кратенки до членство, извештајот кристално јасно става до знаење дека членството се заснова на демократија и исполнување на Копенхашките критериуми.
Исто така, постојат дополнителни услови за Србија да се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, да воведе санкции врз Русија и да ги нормализира односите со Косово“, рече Пицула на конференцијата, откако Европскиот парламент ја усвои неговата резолуција за Србија.
Пицула додаде дека извештајот критички зборува за човековите права, владеењето на правото, слободата на медиумите и изборните закони, дека споменува „низа загрижувачки настани“ што се случиле во минатото, особено по трагедијата на Железничката станица во Нови Сад, како и ставот на властите кон учесниците во протестот.
Изразувајќи ја својата поддршка за активизмот на студентите, Пицула рече дека е јасно оти некои од нивните барања кон српските власти се преклопуваат со критериумите на ЕУ, пред сè во однос на борбата против корупцијата, владеењето на правото и слободата на медиумите, но дека не е познато што ќе се случи во следното поглавје.
„Сега е појасно дека барем дел од студентското движење сака да побара избори, но сè уште не е познато под кои услови, кога, како ќе организираат политички активности и дали ќе дадат политичка поддршка на некого“, рече Пицула.
Тој кажа дека следната недела во Брисел тој и неговите колеги ќе „присуствуваат на демократски дијалог со српските студенти“ и дека по таа средба ќе дознае повеќе за нивните амбиции.
Пицула изрази подготвеност да ѝ помогне на Србија на нејзиниот европски пат и оцени дека Србија не е како која било друга земја, но поради својата големина и капацитет е најважната земја на Западен Балкан, додавајќи дека бара одговорност да си помогне не само себеси, туку и на другите земји во регионот да напредуваат кон ЕУ.
Кога станува збор за односот со Косово, Пицула оцени дека дијалогот речиси и да не постои и дека е во одредена криза, а неговото оживување би им помогнало и на Србија и на Косово во процесот на европска интеграција.
Подготвено од М.Д.