
12.05.2025 Скопје
Министрите за надворешни работи од неколку клучни европски земји ќе се сретнат денес во Лондон на разговори за Украина, два дена откако сојузниците на Украина поставија ултиматум до Москва да прифати прекин на огнот.
Заедно со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, во Ланкастер Хаус ќе бидат присутни и неговите германски, полски и шпански колеги.
Франција ќе биде претставена од министерот за европски прашања Бенџамин Хадад, а Европската Унија (ЕУ) од високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
На состанокот во таканаречениот „Вајмарски“ формат, кој започна минатиот февруари и се одржа шест пати оттогаш, ќе биде присутен и италијански претставник.
Овие „клучни дискусии“ ќе се фокусираат на „заедничките напори за зајакнување на европската безбедност и за праведен и траен мир во Украина“, се вели во соопштението на британското Министерство за надворешни работи.
Лами рече дека тие треба да останат „обединети, како сојузници во заштитата на суверенитетот, мирот и Украина“.
Според него, европските лидери се соочуваат со „предизвик“ кој не се однесува само на иднината на Украина, туку е „егзистенцијален за Европа како целина“.
Британскиот министер за надворешни работи разговараше во неделата со својот американски колега, Марко Рубио, кој го увери дека „приоритет број еден на Вашингтон е веднаш да се стави крај на борбите и да се воспостави прекин на огнот“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус.
Француската страна објави дека има намера да инсистира за време на состанокот на „потребата од одржување и зголемување на притисокот врз Русија“.
Средбата ќе се одржи два дена откако францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер отпатуваа во Киев како дел од „коалицијата на добронамерните“.
Украина и нејзините европски сојузници, заедно со САД, поставија ултиматум до Москва да прифати „целосен и безусловно“ 30-дневен прекин на огнот што почнува денес, или Русија ќе се соочи со нови „големи санкции“.
Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека Лондон денес ќе објави „нови санкции против оние кои ја поддржуваат нелегалната инвазија на Русија“ на Украина.
Без директно да одговори на ултиматумот од сојузниците на Украина, рускиот претседател Владимир Путин во неделата изјави дека е подготвен „за преговори без никакви предуслови“ и предложи тие да започнат во четврток во Истанбул.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веднаш одговори дека лично ќе го чека Путин во четврток во Истанбул.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата ги повика Украина и Русија да се состанат за да преговараат за прекин на огнот без одложување, при што Москва предложи директни разговори, а Киев бара прекин на огнот.
Подготвено од М.Д.