
12.05.2025 Скопје
Во Швајцарија, каде што директната демократија е правило, движењето Liberté Suisse (MLS) поднесе народна иницијатива со наслов „За слободна и независна швајцарска валута во форма на монети и банкноти. Готовината е слобода!“. Иницијативата, која произлегува од кругови што беа и против Ковид-мерките, повикува на гаранција дека готовината ќе продолжи да постои во Швајцарија, и дека евентуалната замена на франкот со друга валута ќе мора да биде одобрена од народот и кантоните.
Електронските пари ја истиснаа готовината кога станува збор за секојдневни набавки во Швајцарија. Сепак, Швајцарците и натаму остануваат приврзани за готовината, на начин кој е мошне изненадувачки во време кога платежните картичи се нешто без коешто не може да се замисли секојдневието.
Сепак, дури и во оваа алпска држава со изразен политички и економски интегритет, општиот тренд покажува дека дигиталните пари сѐ повеќе ја заменуваат готовината. Овој феномен стана уште поизразен за време на Ковид-пандемијата, кога дигиталните плаќања беа многу поприфатливи поради стравот од директен контакт со друго човечко битие.
Главните фактори кои подолго време влијаат врз тоа готовината да го губи приматот пред дигиталните методи, се дигиталните апликации. Огромниот успех на Twint – популарната апликација за плаќање, развиена од швајцарските финансиски институции, е добар пример за овој тренд.
Минатата година Twint регистрираше рекордни 773 милиони трансакции, што е 31% повеќе од годината претходно. Од страна на експертите, растот на оваа апликација е оквалификуван како метеорски. Инаку, во времето кога беше лансиран во 2017 година, Twint забележа „само“ четири милиони трансакции.
Наспроти сѐ, различни истражувања покажуваат дека голем дел од швајцарските граѓани сѐ уште претпочитаат готовина.
На пример, едно од последните мониторирања, спроведено од Универзитетот за применети науки во Цирих (ZHAW) и од Универзитетот во Сен Гален, покажа дека во 2023 година во Швајцарија, готовината сѐ уште предничела пред дигиталниот конкурент – иако нејзиното учество значително опаднало од 2019 година, кога беше направена првата анкета.
Но, неизбежното се случи. Дигиталните пари сепак ја претекнаа готовината – барем кога станува збор за секојдневните плаќања.
Извештајот на Швајцарската народна банка (SNB) за 2024 година за методите на плаќање кај приватни лица во Швајцарија покажува дека, за првпат, дигиталните пари ги надминале готовинските плаќања за речиси сите трансакции направени „на лице место“: во продавници, на шалтери или банкомати.
Според ова истражување, дебитните картички се најчесто користениот инструмент за секојдневните набавки. Што се однесува до апликациите за плаќање преку мобилен телефон, тие се користат на речиси секоја петта трансакција.
Дали овој пад во користењето готовина ќе продолжи сѐ додека готовите пари не исчезнат целосно? Оваа хипотеза не е далеку од реалноста: во Европа, овој феномен веќе широко е распространет во нордиските земји, каде што понекогаш дури е невозможно да се плати со готовина – каков што е случајот во Шведска.
Дали такво сценарио е можно и во Швајцарија? Швајцарската народна банка се сомнева. Во извештајот со наслов „Дали готовината ќе стане застарена во одреден момент?“, се наведува: „Може да изгледа дека веќе не е потребно да се имаат банкноти и монети во паричникот. Но, погледнете подобро – реалноста е многу посложена“.
Во Шведска, брзото исчезнување на готовината ги натера властите да преземат мерки. Од 1. јануари 2020 година, со закон е пропишано дека мора да биде можно повлекување готовина во радиус од 25 км од вашето живеалиште. Законот беше прифатен речиси едногласно, бидејќи пратениците сметаа дека целосната дигитализација би можела да дискриминира одредени групи луѓе – оние кои немаат пристап до банкарска сметка или мобилен телефон поради сиромаштија.
Во Швајцарија, каде што директната демократија е правило, ваква одлука може да дојде директно од народот. Движењето Liberté Suisse (MLS) поднесе народна иницијатива со порака „За слободна и независна швајцарска валута во форма на монети и банкноти . Готовината е слобода!“.
Иницијативата, која произлегува токму од круговите што беа против Ковид мерките, повикува на гаранција дека готовината ќе продолжи да постои во Швајцарија, и дека евентуалната замена на франкот со друга валута ќе мора да биде одобрена од народот и кантоните.
Оваа иницијатива најверојатно е излишна, бидејќи Швајцарците не изгледаат како да сакаат да се откажат од готовината. Всушност, најновата анкета на Швајцарската народна банка за методите на плаќање покажува дека 95% од испитаниците сакаат готовината да остане достапна како средство за плаќање.
Приврзаноста на Швајцарците кон кешот се гледа и во флексибилното законодавство околу располагањето со готовината, кое за некои земји е дури изненадувачко.
Поголемиот дел од европските земји веќе имаат ограничувања за готовински трансакции: 1.000 евра (930 CHF) во Франција и Италија, или 500 евра во Грција. Само неколку земји – како Австрија, Кипар и Луксембург – немаат никакви ограничувања.
Но промените во корист на готовината се на повидок: Европскиот парламент се согласи на горен лимит од 10.000 евра, кој треба да стапи на сила во 2027 година, со цел – борба против перењето пари и финансирање тероризам.
Во Швајцарија, пак, нема ограничување за користење на готовината. Единствениот услов е да се приложи доказ за идентитет за сите плаќања во готовина над 100.000 швајцарски франци.
Исто така, нема ограничувања ниту за транспортот на готовина. Единственото ограничување при премин на граница е дека мора да се дадат лични податоци и информации за потеклото и дестинацијата на средствата над 10.000 CHF – но, само ако царината тоа го побара од вас.
Подготвено од М.Д.