
19.05.2025 Скопје
На Светскиот ден на семејната медицина, лекарите алармираат, ја носиме тежината на системот, а работиме во услови што одвраќаат млади лекари и го закочуваат квалитетот на грижата.
Семејната медицина претставува основа на секој здравствен систем. Светската здравствена организација (СЗО) потенцира дека семејните лекари се првиот контакт на граѓаните со здравството, тие се клучни за рана дијагноза, навремена интервенција, континуирана грижа и едукација на пациентите. Истражувањата покажуваат дека системите со силна примарна здравствена заштита имаат помалку хоспитализации, подобра контрола на хроничните болести и подолг животен век на населението.
Во таа рамка, 19.мај, Светскиот ден на семејната медицина е можност да потсетиме на значењето на овие лекари, но и на предизвиците со кои се соочуваат. Кај нас, состојбата е далеку од идеална, алармантен недостиг на кадар, преобемна административна работа, ниска мотивација за млади лекари и услови што не го поддржуваат квалитетното и хумано лекување.
„Семејната медицина денес ги живее најтешките денови. Немаме доволно лекари, а нема ниту стимулација за младите доктори да ја изберат оваа специјализација“, вели д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа – семејна медицина (ЗЛОМ-СМ).
Според него, проблемот е системски и се протега од малиот број пациенти во руралните средини, поради што лекарите имаат ниски примања, па сè до недостатокот од финансиска поддршка при отворање сопствени ординации.
„Слабо се платени, затоа што ако имате мал број пациенти и сте во мало место, немате доволно пациенти, капитацијата е ниска и не може да се извадат доволно плати. Нема мотивација ниту за отворање на сопствена ординација, бидејќи тогаш почнуваш со нула пациенти и нула денари, нема никаква финансиска стимулација, почнуваш борба со системот, а од друга страна треба редовно да исплаќаш плати. Другата работа е административната. Преобемната административна работа навистина не е потребно да биде присутна во примарното здравство. Третата работа е непризнавањето на специјализацијата по семејна медицина“, посочува Ѓорѓиевски.
Паралелно со класичните хронични и инфективни заболувања, во последните години значително расте бројот на пациенти со ментални нарушувања, особено меѓу младите. Тоа го потврдува и искуството од терен на семејните лекари.
„Кога ќе поставите прашање за расположение, спиење или анксиозност, често пациентите одбиваат да разговараат. Ако споменете психијатар, веднаш велат „Јас не сум луд“. Треба да се разбие тој менталитет, бидејќи и најпознатите светски актери, политичари и уметници имаат свои психијатри“, вели д-р Ѓорѓиевски.
Фондот за здравствено осигурување веќе ги препознава овие трендови, новите превентивни прегледи ќе вклучуваат прашалници за ментално здравје за лица од 25 до 40 години, врз чиј основ се прави т.н. „скоринг“, кој ќе упатува пациентот на понатамошна стручна проценка. Идејата е семејниот лекар да стане активен фактор и во превенцијата на менталните нарушувања.
На конгресот и симпозиумот што овие денови се одржа во Скопје, покрај менталното здравје, се дискутираше и за дијабетесот, хипертензијата, ревматските болести, како и за сексуално преносливите инфекции, уште една тема што кај младите пациенти се третира како табу.
Семејните лекари ги познаваат своите пациенти со години. Тие може да препознаат кога некој се однесува поинаку, кога нешто е „исклучено“ и физички и емотивно.
Подготвено од М.Д.