kina-sad

02.05.2025 Скопје

Соединетите Американски Држави испратиле молба до Кина за преговори во врска со тарифите од 145 проценти кои ги воведе сегашниот претседател Доналд Трамп.

Пекинг е расположен за разговор, објави кинеското Министерство за трговија, навестувајќи можност за намалување на напнатоста во трговската војна. Американската страна, според Пекинг, треба да покаже “искреност” и да се откаже од еднострани давачки, истовремено признавајќи ја потребата да се поправат “погрешните” трговски практики.

“Обидите да се искористи дијалогот како изговор за присила и уцена нема да успеат”, се наведува во соопштението.

Кина јавно го искажа својот бес поради високите тарифи, тврдејќи дека тие не можат да го сопрат прогресот на второто по големина светско стопанство. Покрај пропагандни механизми, Пекинг креираше и список на американски производи – како некои фармацевтски средства, микрочипови и млазни мотори – кои ќе бидат исклучени од казнените давачки од 125 проценти.

Американски функционери, меѓу кои и министерот за финансии Скот Бесент и економскиот советник на Белата куќа Кевин Хасет, исто така изразија надеж дека наскоро ќе дојде до напредок во намалување на трговските тензии. “Кина сака да разговара за трговијата, а тие разговори ќе се случат наскоро,” изјави државниот секретар Марко Рубио, додавајќи дека САД разгледуваат колку ќе треба да купуваат од Кина во иднина.

Трамп, пак, пред два дена изјави дека постои “многу добра шанса” за договор со Кина. Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на адаптација кон новите глобални околности, но не ја спомена САД.

Подготвено од М.Д.

About Author