
03.05.2025 Скопје
Соединетите Американски Држави повеќе нема да посредуваат во мировните преговори меѓу Украина и Русија, соопшти американскиот Стејт департмент.
Портпаролката Тами Брус изјави дека САД ја менуваат „методологијата за тоа како придонесуваат“ во преговорите и повеќе нема да „летаат низ светот на првиот повик“ за состаноци.
Киев и Москва сега мораат да изнесат „конкретни“ предлози за ставање крај на војната и директно да се сретнат за да го решат конфликтот, додаде Брус.
„Ќе продолжиме да помагаме, но повеќе нема да летаме низ светот како посредници за состаноци“, изјави таа за новинарите.
„Сега е на двете страни. Дојде време тие да презентираат и развијат конкретни идеи за тоа како да се стави крај на овој конфликт. Тоа ќе зависи од нив.“
Повлекувањето на Вашингтон од директното посредување доаѓа по претходните предупредувања на САД дека ќе се повлече од преговорите доколку нивниот мировен предлог биде одбиен и од Украина и од Русија.
Стејт департментот во вторникот соопшти дека ќе се повлече од улогата на посредник доколку не види „конкретни предлози“ од Москва и Киев за прекин на конфликтот.
Кон крајот на минатиот месец, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави: „Дадовме многу јасен предлог и на Русите и на Украинците, и време е тие да кажат „да“ или САД да се повлечат од овој процес“.
Подготвено од М.Д.