
29.05.2025 Скопје
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска објави нова, остро формулирана мерка која ќе се однесува на кинеските студенти што студираат во САД, особено оние кои се поврзани со Кинеската комунистичка партија (ККП) или кои се образуваат во стратешки и чувствителни области.
Ќе почнеме да ги поништуваме визите за студентите кои претставуваат ризик по националната безбедност, особено оние кои се поврзани со ККП – изјави Рубио.
Покрај тоа, според Рубио, Стејт департментот ќе воведе построги критериуми за доделување на визи на сите идни апликанти од Кина и Хонг Конг. Не беше објавено кога точно ќе започне примената на мерките, но се очекува да стапат на сила во најкус можен рок.
Ова е прашање на безбедност, но и на правична академска конкуренција. Американските универзитети мора да останат заштитени од потенцијални злоупотреби – додаде Рубио.
Во академската 2023–2024 година, 277.398 кинески студенти се запишани на универзитети низ САД, со што се второрангирани по бројност, веднаш по индиските студенти. Засега нема официјален одговор од Кинеската амбасада во Вашингтон.
Подготвено од М.Д.