
17.05.2025 Скопје
Речиси 40 отсто од светската популација е нетолерантна на глутен, вели Институтот за јавно здравје, одбележувајќи го 16 Мај, Меѓународен ден за подигање на свеста за Целијачна болест (целијакија). Се верува дека повеќе од еден милион Европејци боледуваат од целијакија. На еден дијагностициран болен има најмалку седум што не се дијагностицирани. За 3 милиони Американци и 1 од 100 луѓе ширум светот со целијачна болест, единствениот третман е строго придржување кон исхрана без глутен.
Целијакија или целијачна болест е хронична автоимуна болест што се одликува со неподносливост на организмот на глутен, кој е белковина од пченица, јачмен, р’ж и овес. Целијачна болест е медицинска состојба кај која имунолошкиот систем ги напаѓа сопствените ткива кога се јаде храна што содржи глутен. Може да се развие на која било возраст, а може да се појави кај доенчиња или кај возрасни.
Нетолеранцијата на глутен е доста честа појава во денешно време, се карактеризира со негативни реакции на глутенот и се проценува дека 99 % од луѓето кои имаат нетолеранција на глутен, или целијакија, не се дијагностицирани со оваа состојба. Целијачната болест е сериозна, генетска автоимуна болест и во моментов не постои лек за неа.
Различните симптоми на оваа болест долго може да бидат прикривани. Возрасните и децата можат да имаат различни симптоми на ова заболување. Децата најчесто имаат дигестивни симптоми, како надуеност и гасови, хронична дијареа, стомачни болки, проблеми со столицата.
„Нутритивните дефицити може да бидат особено проблематични кај децата во развој, па така нетретирањето на оваа состојба може да доведе и кон поопасни импликации, како одложен пубертет, нарушено расположение, забавен раст и развој и пореметување на менструалниот циклус. Неспецифичноста на симптомите честопати може да води кон тешко препознавање на болеста. Повозрасните, покрај дигестивните, често имаат и други симптоми, како хроничен замор, анемија, депресивност, главоболки, болки во зглобовите, афти во устата, проблеми со фертилноста“, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Штом глутенот се исфрли од исхраната, ѕидовите на цревата се обновуваат, но луѓето со овој проблем целиот живот мора да внимаваат на исхраната со цел да спречат повторно појавување на оштетувањето.
„Голем дел од луѓето ја прифаќаат безглутенската исхрана поради промовирање на безглутенските производи, како поздрави, корисни при намалувањето на тежината и многу други бенефити кои и немаат баш некоја поткрепа во науката. Така, дури 63 проценти од Американците веруваат дека безглутенската исхрана може да го подобри нивното здравје, дури и менталното здравје, па една третина од нив се обидува да го избегнува глутенот во секојдневието. Добро е тоа што во последно време има сѐ повеќе опции на оброци и прехранбени производи кои се безглутенски. Безглутенската исхрана (односно избегнувањето на глутенот) е неопходна за лицата со целијакија и единствен третман за да можат да ги избегнат воспалителните процеси во дигестивниот тракт и симптомите воопшто, а со тоа и да го подобрат сопственото здравје“, вели Институтот.
Подготвено од М.Д.