
26.05.2025 Скопје
Растот на платите во еврозоната нагло забави во првиот квартал од 2025 година, што ги поддржува очекувањата на пазарот дека Европската централна банка (ЕЦБ) повторно ќе ги намали каматните стапки наскоро, можеби веќе на следниот состанок за монетарна политика на 5 јуни.
Според податоците на ЕЦБ, платите се зголемиле за само 2,4 проценти на годишно ниво, што е значителен пад во споредба со 4,1 процент во последниот квартал од 2024 година и далеку под минатогодишниот врв од 5,4 проценти раст.
Забавувањето на растот на платите дополнително го зајакнува верувањето дека инфлацијата во Еврозоната ќе продолжи да се намалува кон целта од два проценти.
Цените во услужниот сектор, каде што платите се важен трошок, продолжија да растат со стапка од четири проценти на годишно ниво во април, но трендот на заладување на пазарот на трудот укажува на можно забавување и во овој сегмент.
По неколку години силен раст на платите, најновите колективни договори покажуваат дека на вработените им е сè потешко да им наметнуваат барања на работодавачите.
Подготвено од М.Д.