
16.05.2025 Скопје
Ревизорите деновиве укажаа дека немаме доволно зеленило во државата, а од Зелен Институт од Скопје велат дека градовите се живеалишта на огромен број луѓе на мал простор, опкружени со бетон, челик и стакло, без доволно струење на чист воздух и без допир со природата.
Објаснуваат дека сето ова создава топлотни острови и загадување, а предизвикува нарушено ментално здравје преку анксиозност и стрес. Климатските промени, пак, силно го зајакнаа ефектот на стаклена градина.
„Урбаното зеленило не е само украс на околината, туку еден од најважните фактори за здраво живеење во градовите. Многукратно го намалува загадувањето на воздухот преку апсорбирање прашина и јаглен диоксид и произведување кислород. Истовремено, зеленилото е главната одбрана против штетите од климатските промени: ја намалува температурата, обезбедува влага, сенка и допир со природата. Безброј научни студии го докажале ова, а Светската здравствена организација пропишува стандарди на ниво на град: 25 м2 зеленило по жител како минимум, а 50 м2 како оптимум за здрав живот. Нормата од најмалку 20 отсто зеленило на градежна парцела обезбедува зеленило во непосредна близина на домот, работното место или јавниот простор. Во урбанистичкото планирање се користат и други норми: процент на зеленило од површината на градот, растојание од дома или од работа до зелена површина (300 или 500 м), време потребно да се стигне до неа (5 минути), или комбиниран пристап. Пример за идеален компактен град е Љубљана, со достапност на секој нејзин жител до зелена зона во радиус од 300 метри“, вели Лилјана Поповска од Зелен Институт.
Таа додава дека Европската Унија(ЕУ) разви стратегија за зелена инфраструктура за поврзано зеленило надвор и во градовите.
„Таа е многу важна за заштита на биолошката разновидност, спречување ерозија и поплави, намалување на климатските промени и намалување на загадувањето на воздухот и водите“, рече Поповска.
Објаснува дека законските регулативи треба да бидат допрецизирани, со цел да не бидат изигрувани, да нема слободни толкувања, за целосно да се почитуваат нормите за тоа колку зеленило треба да има во градовите.
Во 22 од 34 општини нема ниту минимум зеленило според законските стандарди, покажа новиот извештај на Државна ревизија. Тие со снимање со дрон утврдиле дека централните делови на градовите немаат доволно зелени површини кои треба да го намалат загадувањето и да придонесат за чиста животна средина.
Речиси 60 отсто од општините не вложиле ниту денар за ново зеленило во изминатите четири години. Ревизорите утврдиле дека стратегии за развој на зеленило имаат само Скопје и Охрид, а зелен катастар имаат само Скопје, Охрид и Кавадарци.
Подготвено од М.Д.