
16.05.2025 Скопје
Агенцијата за филм соопшти дека и оваа година ќе учествува на 78. издание на престижниот Кански филмски фестивал, во рамките на Филмскиот маркет (Marché du Film). Македонската кинематографија ќе биде претставена неколку филмови и копродукции – „Лојнс“ во режија на Доријан Нур Жесперс, „Додакамерон“ на Минос Папас, „Утре наутро“ на Јани Бојаџи, како и краткометражниот филм „Лима“ на Батухан Ибраим.
Од Агенцијата информираат дека од 2010 година имаат свој промотивен штанд во рамките на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE Pavilion), заедно со уште седум земји од регионот – Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Кипар, Србија, Словенија и Хрватска. Преку овој штанд, се реализираат бројни активности со цел промоција на македонската кинематографија, нејзините автори и потенцијалите за меѓународна соработка.
Претставниците на Агенцијата најавија дека ќе земат учество и на неколку меѓународни настани – Генералните собранија на EFAD (Европска асоцијација на филмски агенции) и European Film Promotion, панелот „Ajde!“ посветен на копродукции во Југоисточна Европа, како и Конференцијата на Европската аудиовизуелна опсерваторија.
Делегацијата на Агенцијата за филм оваа година ја сочинуваат в.д. директорката Вероника Бучковска, виш соработник за филмска дејност Анита Стојческа Алексовска, како и студентки на Факултетот за драмски уметности, Мартина Петреска и Леона Јариќ.
Учеството на студентките е резултат на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за филм и Факултетот за драмски уметности, со кој се овозможува млади и талентирани филмски професионалци во развој директно да присуствуваат на еден од најзначајните светски филмски настани.
Преку оваа иницијатива, студентите добиваат уникатна можност да се запознаат со светските текови во филмската индустрија, да стекнат вредни искуства и контакти, како и да го прошират своето професионално видик. Дополнително, ќе се реализираат бројни билатерални средби со партнери од светот со цел презентација на можностите кои Република Северна Македонија ги нуди за копродукции, снимање и интернационална дистрибуција на македонски филмови, соопштија од Агенцијата за филм.
Подготвено од М.Д.